Министерството за здравство реагира на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека новите случаи на коронавирус во Геријатриската болница во Скопје го демантира министерот Венко Филипче дека епидемијата е под контрола. Од таму велат дека Државниот санитарен и здравствен бил информиран веднаш за појавата на Ковид-19 во едно одделение во болницата и бил извршен вонреден инспекциски надзор, а наодите се обработуваат.
„Најостро реагираме на изнесените невистини во изјавата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со контролата и реакцијата на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје по појавата на позитивни случаи на Ковид-19, за што официјално соопштение до јавноста беше испратено вчера од страна на оваа здравствена установа“, се наведува во реакцијата на МЗ.
По појавата на позитивни случаи во ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје, велат од МЗ, од страна на установата преземени се сите потребни чекори.
„По добиената информација за позитивни тестови на неколку вработени и пациенти, веднаш е постапено согласно со протоколите за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработени за спречување на ширење на инфекцијата и мерки за дезинфекција. Веднаш е спроведен скрининг на вработените од одделението и детектирани се 3 вработени позитивни на Ковид-19 кои веднаш се исклучени од работниот процес и пријавен е случајот во Центарот за јавно здравје-Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, соопштија од МЗ.
Од овој кластер, до сега се детектирани 17 позитивни пациенти, од кои двајца пациенти кои се со потешка клиничка слика и транспортирани се на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека тројца се асимтоматски и префлени се за лекување во новиот ковид-центар во рамки на болницата Козле.
Останатите позитивни пациенти од ова одделение остануваат на лекување во установата.
Од МЗ велат дека целокупниот стручен колегиум и медицински персонал од установата е интензивно вклучен во спроведување на протоколите и засилен мониторинг за да се спречи евентуално ширење на инфекцијата.