Скопје, 14 април 2020 (МИА) – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека во следниот период додека трае вонредната состојба, покрај постоечките, ќе се применуваат нови решенија за одобрување за пуштање во промет на производи за заштита на растенија, издадени врз основа на дозвола од земја членка на Европаската Унија.
Како што се наведува во соопштението, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство предложило до Владата да донесе уредба со законска сила, со цел овозможување нормално функционирање на државата, заштита на јавното здравје и производство на доволни количини на храна од примарно земјоделско производство.
-Во следниот период, за времетраење на вонредната состојба ќе се применуваат нови решенија покрај постоечките за одобрување за пуштање во промет на производи за заштита на растенија издадени врз основа на дозвола издадена од земја членка на Европската унија. За време на траење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила со која се овозможува на економските оператори кои увезуваат и ставаат во промет хемикалии кои се користат во земјоделство да ги ставаат во промет производите за кои претходно имаат добиено дозвола од Министерството за пласирање на пазар, соопшти МЗШВ.
Решенијата за одобрување за пуштање во промет на производите за заштита на растенијата, биостимулатори ѓубрива и подобрувачи на својства на почва издадени врз основа на на дозвола издадена од земја членка на ЕУ, чиј рок на важење на дозволата е истечен или истекува за време на траење на вонредната состојба, од МЗШВ информираат дека тие продолжуваат да важат за време на вонредната состојба како и 90 дена од престанокот на траење на вонредната состојба.
Овие уредби со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во службениот весник.
Оттаму информираат дека се во финална фаза на интеграција за издавање на електронски дозволи, за што економските оператори потребно е да обезбедат дигитални потписи и печати за доставување на овие барање на било каков електронски носач или преку https://uslugi.gov.mk/ за што е потребно да регистрираат профил на овој електронски портал. бт/дма/