Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – Раководството на МЗТ Скопје Аеродром денеска испрати конкретен предлог до кошаркарската федерација за начинот на кој тие сметаат дека би можело да се дојде до нов шампион и тоа во период од само еден месец.
– Согласно трендот на намалување на пандемијата со коронавирусот и најавите за нормализирањето на животот во државата, наш став е дека во текот на јуни може да се одигра скратен плејоф со екипите кои обезбедија пласман во Суперлигата. Во четвртфиналето би играле екипите 3-6 и 4-5 до две победи, додека двете првопласирани екипи би биле слободни. Во полуфиналето би се сретнале лидерот на табелата со победникот од 4-5, додека второпласираниот со победникот 3-6, во серија до три победи. Победниците би се нашле во големото финале, кое исто така би се играло до три победи. Сите средби би се играле дома и на гости, а дали ќе има публика зависи од проценката на државните органи, велат од МЗТ.
Екипите би настапиле, се додава во предлогот, само со домашни кошаркари, бидејќи странците многу тешко би дошле поради затвореноста на границите и задолжителниот карантин.
– Поради тоа предлагаме мини-преоден рок од 15 до 31 мај во кој прволигашите би се докомплетирале. Згора на тоа, наш став е дека најнапред треба да се одигра и последното 18 коло од Првата лига за да се одредат стартните броеви на екипите пред доигрувањето со оглед на малата додовна разлика помеѓу тимовите. Нашиот предлог предвидува и одредено пролонгирање, ако тоа биде потребно, со тоа што предложените датуми би се поместиле за периодот кој ќе биде одреден за подоцнежен старт на доигрувањето на кошаркарската елита, сметаат од кошаркарскиот клуб.
Со ова, според нив, би се задоволиле желбите и ставовите на поголем број клубови искажани изминатиов период дека првакот се добива на терен, нешто што и претседателот Перо Антиќ го потенцира во повеќе наврати.
Од челниците на КФМ тие бараат нивниот предлог да биде презентиран пред клубовите како и пред членовите на Управниот одбор на првиот следен состанок.