Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде затворен утре од полноќ, за патнички летови, сè до следното известување, согласно одлуката на Владата од синоќешната седница за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, соопшти денеска концесионерот ТАВ Македонија.
Оттаму ги информирале сите авиокомпании и засегнати страни за оваа одлука, којашто М-НАВ ја објави во НОТАМ – авијациски документ кој ги информира сите авиопревозници за важни и итни пораки.
– Во престојниот период, на Меѓународниот Аеродром Скопје ќе нема патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови. До затворањето, авиосообраќајот ќе се одвива според распоредот на летови кој патниците можат да го проверат на нашата веб-страница http://skp.airports.com.mk/ , но со оглед на тоа што ситуацијата со Коронавирусот се менува многу брзо, стои во соопштението.
Како што наведуваат, граѓаните треба да ги следат последните објави за нивните летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактираат нивните оддели за клиенти.
За сите евентуални натамошни промени во работењето на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, кој беше затворен во неделата, на 15-ти март , исто така врз основа на Одлука на Владата, ќе ги информираме патниците и јавноста, согласно информациите и одлуките на Владата штом ќе ги добиеме преку: медиумите, нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/, како и нашите страници на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, информира ТАВ Македонија.лв/ац/