Македонска Каменица, 18 јуни 2020 (МИА) – Откажана традиционалната Меѓугранична средба „Руен 2020“. Поради вирусот КОВИД-19, Еколошкото друштво „Здравец 2002“ реши да ја откаже традиционалната планинарска маршрута до највисокиот врв на Осоговските планини, средба која според претседателот Миран Митревски, требаше да се одржи кон крајот на месецот.
-Поради мерките и препораките за заштита од коронавирусот Еколошкото друштво „Здравец 2002“ годинава нема да го организира традиционалниот настан кој има за цел да ги собере планинарите и љубителите во убавата природа на старото место, а тоа е врвот „Руен“ на Осоговските планини. Иако имавме пријавено учесници од Србија, Бугарија и повеќе градови од Македонија, да ја искористиме приликата да ги информираме сите учесници дека официјално средбата која требаше да се одржи на 28 јуни годинава е откажана, истакна Митревски.
Тој додава дека сите оние кои планираат да се искачат на споменатиот ден на врвот Руен, тоа ќе го направат на сопствена одговорност.
-Да напоменам дека евентуалното искачување, како на планинарите така и на оф-роад учесниците ќе биде на сопствен ризик и без одговорност на Еколошкото друштво како организатор на настанот. Доколку во скоро време се намалат или олеснат рестрикциите за организирање на ваков вид настани, учесниците дополнително ќе бидат известени околу евентуалното повторно одржување на средбата, додаде Митревски.
Традиционалната меѓугранична средба годинава требаше да се одржи по 31-пат, а заеднички ја организираат каменичкото еколошко друштво со Планинарското друштво „Руен“ од Крива Паланка и туристичкото друштво „Осогово“ од Ќустендил. вс/мд/