Првата детска амбасада во светот Меѓаши на Меѓународниот ден на човековите права-Правото на живот побара итни мерки за намалување на загадувањето кое директно влијае на здравјето на децата и нивниот живот.
Оттаму предупредуваат дека загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Во 2019 година Македонија имаше највисока годишна концентрација на ПМ 2.5 честички во Европа и 3 400 прерани смртни случаи како директна последица од загадувањето, додаваат од „Меѓаши“.
„ Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата во државата. Децата се особено ранливи на штетните ефекти од загадувањето на воздухот. Децата вдишуваат поголема количина на воздух а со тоа поголема количина и на штетни супстанции. Тие се подложни на негативните ефекти од загадувањето на воздухот, особено за време на феталниот развој и во најраните години. Респираторните заболувања со години се на првото место во структурата на поединечните групи на болести кај децата, а медицинскиот кадар постојано апелира за негативните ефекти од загадувањето врз здравјето на децата. Децата истакнуваат дека покрај на нивното физичко здравје, аерозагадувањето се одразува и на ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови. Тие се исто така загрижени за негативниот ефект на загадениот воздух врз нивните блиски и другите луѓе во државата кои имаат здравствени проблеми, како и за дополнителните здравствени трошоци како резултат на проблемите предизвикани од аерозагадувањето“ се наведува во извештајот на организацијата.
„ Како се чувствуваат децата кога воздухот е загаден и како тоа влијае на нивниот секојдневен живот?
„Се чувствувам изнемоштено и омалаксано, ме боли стомакот.“
„Имам некои здравствени проблеми и загадениот воздух уште повеќе ми го попречува дишењето.“
„Порано немав проблем, но оваа зима имав проблем со дишењето. На моменти не можев да земам воздух и бев приморана да носам маска и цело време да одам на инхалација кај матичната докторка,чија амбуланта не е во близина на моето место на живеење. Со што моите родители тој период имаа многу повеќе дополнителни трошоци за мене и моето здравје.“
„Се чувстувам лошо. Мојот родител има хроничен бронхитис, и многу лошо му влијае целата ситуација со воздухот и му наштетува на здравјето. Тоа исто така дополнително ме загрижува. Ми влијае и мене, постојано сум затнат и не можам да се издишам.“
„Депресивно.“
„Не се чувствувам среќно и понекогаш се вонемирувам.“
„Се осекам напнато и влијае негативно на мене.“
„Се чувствувам нездраво и немам желба за излегување на прошетки и слично.“
„Се чуствувам како да живеам во ѕвоно поради тоа што ретко изглегувам надвор и морам да носам маска.“
Во извештајот се предупредува дека покрај здравствените, аерозагадувањето има и сериозни економски последици. Така, анализите на Светска банка укажуваат дека аерозагадувањето ја чини државата од 500–900 милиони долари годишно.
„Во изминатите години беа донесени повеќе национални и локални стратешки документи за подобрување на квалитетот на воздухот. Најголем дел од предвидените активности во нив се насочени кон минимални рестриктивни мерки во делот на сообраќај и кон субвенции за промена на начинот на загревање на домаќинствата. Најголем дел од овие мерки не се спроведени, а само мал дел се во фаза на изработка/подготовка.
Македонија, како потписник на бројни меѓународни документи за заштита на човековите права, вклучително и Конвенцијата за заштита на правата на децата има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права на децата. Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на правата на децата. Во таа насока, ја повикуваме државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право, ПРАВОТО на ЖИВОТ воведувајќи ИТНИ мерки за намалувањето на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на децата и нивниот живот. Децата имаат ПРАВО на ЖИВОТ! Бараме ИТНИ мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот“ се заклучува во извештајот на „Меѓаши“.