Утрински Весник
Македонија

Метежот на улиците ни е секојдневие, а сме на дното во Европа по број на автомобили по глава на жител (инфографик)

Северна Македонија е една од земјите во Европа со најниска стапка на моторизација на населението. Позади нас се единствено Албанија, Косово и Турција, покажуваат податоците на „Евростат“. И покрај ова, сообраќајниот метеж во нашите градови е секојдневна појава, додека проблемот со паркирањето расте секојдневно, особено во главниот град. Во 2018 година во нашата земја биле регистрирани вкупно 415.062 патнички автомобили.

Според „Евростат“, Македонија во 2018 година имала во просек 200 автомобили на секои 1.000 жители. Една деценија претходно, во земјава имало 129 автомобили на 1.000 жители. Статистиката на ниво на ЕУ покажува дека стапката на моторизација драстично не се менува во изминативе години. Во 2018 година, во земјите-членки на Европската унија имало во просек по 519 патнички автомобили на секои 1.000 жители.

Во стапката на моторизација на македонското население влегуваат единствено оние автомобили што имаат регистарски таблички издадени од македонското МВР, што значи дека во оваа статистика не влегуваат возилата што се возат со странски таблички низ нашите градови.

И покрај ова, податоците за бројот на автомобили по глава на жител е еден од клучните индикатори за тоа колкава е потребата од инвестирање во инфраструктурата во една земја. Ако ги земеме во предвид податоците за периодот од една деценија, тогаш може да се забележи дека во нашата земја, заедно со останатите држави од Западен Балкан и Источна Европа, граѓаните биле силно заинтересирани да купат сопствен автомобил за своите патувања, или да го зголемат бројот на возила што ги поседуваат.

Стапката на моторизација на македонското население незапирливо ќе расте и во наредните години, а уште податок во таа насока е увозот на рекордни 48.969 возила во текот на 2019 година што ги регистрирала Царинската управа на РСМ.

За да не настапи сообраќаен колапс во градовите, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека општинските раководства и државните власти ќе треба многу повеќе да инвестираат финансиски средства во унапредување на јавниот превоз, но и во вложување во проекти за развој на патната инфраструктура.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег