Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Изборниот систем на Северна Македонија бележи подобрувања во 2020 година во однос на лани, кои главно се однесуваат на повеќе измени во Изборниот законик од февруари годинава. Но, сепак, поради стариот изборен модел кој сè уште е на сила, изборниот систем и натаму може да се смета како потенцијален извор на политички кризи.
Ова е главниот наод од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“ спроведено во текот на мај 2020, во рамките на регионалниот проект во кој се согледува степенот на напредокот на земјата во однос на пет клучни области за пристапување кон ЕУ – изборен систем, администрација, борба против организиран криминал и корупција, правосудство и состојбите во медиумскиот сектор.
– Со последните измени на Изборниот законик направени се извесни подобрувања, пред сè, во регистрацијата на избирачите, во процедурите за гласање и во проширување и прецизирање на надлежностите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) и на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), врз контролата на финансиите, се вели во соопштението од „Метаморфозис“.
Но, сепак, велат оттаму, изборниот модел остана со шест изборни единици (во земјата) и со пропорционално собирање на резултатите, фаворизирајќи ги само големите партии, што ја намалува, како што додаваат, партиципативноста на граѓаните и циклично предизвикува политички кризи.
– Голем дел од препораките на експертите од минатогодишното истражување остануваат во сила, особено за промена на изборниот модел, за изготвување целосно нов Изборен законик, за подобрување на Избирачкиот список, за исклучување или моделирање на системот на буџетско финансирање на изборните кампањи во медиумите и други, наведуваат во соопштението.
Дополнително, додаваат, организирање избори во услови на пандемија, т.е епидемија со коронавирусот, бара многу посериозен пристап, со сите обмислени детали, за да се избегне опасноста по гласачите и другите учесници во изборниот процес.
Истражувањето е изготвено согласно достапните податоци до крајот на мај 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД. Истражувањето може да се прочитате на линкот означен тука. мс/ац/