Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Мерките за заштита од коронавирусот граѓаните мора да ги почитуваат иако бројките на новозаболени се помали од претходните недели. Според министерот за здравство Венко Филипче, по една недела ќе се види дали ваквиот тренд ќе продолжи, по што ќе се осигура дека нема скриен кластер кој ќе се појави.
Мерките опфаќаат задолжително да се носи заштитна маска за лицето, прекривка на устата и носот, така како што е пропишано во затворен простор или на отворено ако не може да се одржи препорачаната дистанца од два метра.
– Само единствено ако лично секој граѓани се заложи за тоа и даде свој придонес со доследно почитување на мерките, ние ќе го задржиме овој тренд, ќе ја надминеме оваа состојба и постепено ќе го вратиме нашиот живот во нормала, рече Филипче.
Новите податоци за коронавирусот во државава, покажуваат дека се регистрирани 1.442 заболени, 627 излекувани, 73 починати и 742 активни случаи.
Заболени од коронавирус се регистрирани во: Скопје – 493, Куманово – 384, Дебар – 51, Штип-34, Прилеп –147, Тетово – 76, Струга – 66, Велес – 69, Битола –19, Охрид –15, Кавадарци – 5, Гостивар –17, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка- 5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино -7, Демир Хисар – 1, Македонски Брод – 2, Пехчево – 2, Делчево- 1, Валандово -1, Виница – 2.
Досега во земјата се направени вкупно 16.050 тестирања на Ковид -19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 52 пациенти од кои 28 се на кислородна поддршка, а тројца се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 35 пациенти од кои со потешка клиничка слика се пет пациенти, а шест се на механичка вентилација.
Во Клиничката болница во Битола се лекуваат пет пациенти, а на домашно лекување се следат четворица пациенти. Во Клиничката болница во Штип се хоспитализирани тројца пациенти, а уште шест се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Тетово, Гостивар, Куманово, Велес и Прилеп се лекуваат 42 позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во рамки на Детската болница Козле, функционира посебно Ковид одделение и болницата претставува Ковид 2 центар. Директорот на болницата, Ангелчо Андоновски, кој вчера преку видео врска разговараше со претседателот Стево Пендаровски, рече дека во болницата се тестирани повеќе од 50 деца од кои четири биле позитивни на вирусот.
– Најмалите дијагностицирани деца биле на возраст од четири месеци, а најголемото на возраст од 15 години. Во моментов во болницата во Козле се хоспитализирани три деца кои се сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена. Децата кои заболуваат од вирусот, имаат лесни симптоми и поминуваат без никакви компликации, истакна д-р Андоновски и посочи дека тоа во најголема мерка е резултат на физичката дистанцираност, односно децата седат дома со своите родители и не посетуваат градинка или училиште. Додаде дека меѓу вработените во таа јавна здравствена установа, досега, нема заболени од Ковид – 19.
За точно и навремено информирање на граѓаните со официјални и проверени информации поврзани со справувањето со коронавирусот, Владата отвори нов информациски канал на популарната апликација за дигитални комуникации „Вибер“.
Првиот владин комуникациски канал на „Вибер“ (Viber Community) може да се најде под името „Коронавирус МК Koronavirus“, исто како и останатите комуникациски алатки кои Владата интервентно ги отвори со цел интензивирање на комуникацијата со граѓаните за полесно справување со коронавирусот. Во тој пакет е и официјалната веб-страна koronavirus.gov.mk, мобилната апликација за „Андроид“ и „IOS“, како и наменските профили на социјалните медиуми „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“.
Владата апелира до граѓаните да се приклучат на „Коронавирус МК Koronavirus“ „Вибер“ заедницата, за добивање точни, официјални и брзи информации поврзани со Ковид-19 на својот мобилен телефон. Линкот за вклучување е: https://vb.me/nmk_gov.
Во меѓувреме, беше објавено дека се негативни и вторите тестови за корона на премиерот Оливер Спасовски и на министерот за здравство Венко Филипче, со што заврши нивната самоизолација. Двајцата порачаа дека е многу е важно сите да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од Ковид 19. рп/сп/