Утрински Весник
Свет

Меркел свика состанок, се воведуваат построги мерки за борба против коронавирусот

Меркел се спротивстави на дополнително ублажување на рестриктивните мерки против Ковид-19

Германија објави построги мерки за борба против коронавирусот среде континуираното зголемување на бројот на пациенти, најави германската канцеларка Ангела Меркел.

„Можевме да видиме дека бројот на новооткриени случаи се зголемува во последните неколку недели и ние сериозно го сфаќаме тоа“, рече Меркел по состанокот со лидерите на германските сојузни држави.

Новите построги мерки против ширењето на коронавирусот вклучуваат казна од 50 евра за неносење заштитни маски на јавни места, забраната за масовни јавни собири на концерти и спортски настани ќе биде продолжена до крајот на годината и за секој што ќе се врати во Германија од областите со висок ризик ќе се бара 5-дневен карантин пред да се добие дозвола за тестирање на Ковид-19.

Германската канцеларка исто така рече дека пандемијата на коронавирус најверојатно ќе се влоши во наредните месеци и дека во тие околности приоритет на нејзината влада ќе биде да му помогне на општеството како целина, особено на децата, како и на економијата.

„Владата ќе стори сé за да осигура дека нашите деца нема да бидат губитници во оваа пандемија. Училиштата и градинките треба да бидат најважниот проблем“, рече Меркел на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Владата, додаде таа, исто така ќе работи на одржување на економската активност или нејзино рестартирање таму каде што сè уште е во стагнација поради пандемијата, како и за зачувување на работните места.

Трет приоритет ќе биде да се поттикне дух на социјална солидарност, затоа што пандемијата повеќе влијае на некои луѓе, како што се постарите или семејствата со ниски приходи, построго од другите.

Во изминатиот период, Германија успеа да го задржи бројот на случаи на инфекција и смртност од Ковид-19 на релативно ниско ниво во однос на некои други големи европски земји. Сепак, бројот на заразени расте од почетокот на јули и се забрза во последните недели, забележува Ројтерс.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Полска одбележува 80 години од Варшавското востание

Едногодишно бебе ставило ТВ-кабел во уста, доживеало струен удар: Родителите во шок

Техеран: Ајатолахот Хамнеи одржа погребна молитва за лидерот на „Хамас“ Исмаил Ханија