Вработувањето некогаш се сметаше како доволно за успешна интеграција на странците во општеството, но Германија се откажува од ваквите размислувања.
По скоро три години планирање и дискусија, германската канцеларка Ангела Меркел, заедно со сојузните и граѓанските лидери, најави 100 мерки како дел од Националниот акциски план за интеграција. Предвидено е воведување на т.н. „скаути за интеграција“, еден вид систем на колегијална поддршка за новодојденците. Идејата е германски почетници да бидат ментори на странските почетници за никој да не биде изгубен во системот, пишува „Дојче веле“.
Во основа, планот од 100 точки е поделен во пет категории, од мерки за пред-интеграција, како што се поставување на очекувања пред лицето да се пресели во Германија, до зајакнување на социјалната кохезија преку образование и социјални активности. Дискриминацијата беше една од главните теми на дискусија во вторникот. Меркел и другите говорници на прес-конференцијата по самитот истакнаа дека расно мотивираните терористички напади, како што беше смртоносното пукање во Ханау во 2020 година или убиствата извршени од Националсоцијалистичкото подземје (НСУ), претставуваат огромен чекор назад во создавањето на безбедно и инклузивно опкружување во Германија.
Покрај спречувањето на насилството, акцискиот план предвидува ширење на напорите против дискриминација, како што се советодавни центри кои можат да им помогнат на луѓето кои се изложени на говор на омраза или кои не биле во можност да добијат работа поради нивната етничка припадност или религија. Извештајот објавен пред самитот исто така повикува на униформирано документирање на ваквите случаи со цел подобро да се разбере каде и како се јавува дискриминацијата.
„Жртвите на дискриминација не смеат да бидат оставени сами на себе. Нивните искуства мора да се сфатат сериозно. За да го постигнат ова, потребна им е поддршка од професионално советување против дискриминација“, рече Бернхард Франке, шеф на Германската сојузна агенција за борба против дискриминација.
Интеграцијата беше во фокусот на многу жестоки дебати во Германија во последниве години, главно предизвикани од историскиот прилив на бегалци помеѓу 2015 и 2019 година. Во тој период, Германија доби повеќе од 1,8 милиони барања за азил, или приближно 75 проценти од сите поднесени барања за азил во последната деценија. Дискусиите за тоа како општеството да се справи со толку голем број на бегалци, пред се од Сирија, Авганистан и делови од Африка, наскоро се насочија на проблемите со интеграцијата.