Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата германска гостинка, канцеларката Ангела Меркел, денеска му понудија помош на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во сериозна состојба и се лекува во руска болница, откако беше затруен.
Макрон и Меркел изјавија дека се длабоко загрижени за тоа што се случува со Навални, еден од најжестоките критичари на рускиот претседател, Владимир Путин.
Макрон истакна дека е крајно заинтересиран за резултатот од истрагата и за тоа што ја предизвикало болеста на Алексеј Навални.
Тој додаде дека Франција е подготвена да му обезбеди каква било помош која му е потребна, вклучително и азил и медицинска помош.
На Навални, кој предводеше серија протести против администрацијата на Путин, денеска му се слоши на лет од Томск кон Москва.
Поради неговата влошена состојба, авионот принудно слетал во Омск. Навални (44) е на интензивна нега и е поврзан на респиратор. Неговите соработници велат дека отров бил ставен во чај кој тој го испил непосредно пред летот.
Германската невладина организација „Синема фор пис“ денеска веќе објави дека се обидува да го пренесе опозиционерот Навални во болница во Германија.
Организацијата за човекови права, позната по поддршката на руската опозиција, сака да го пренесе Навални од болницата во Сибир, каде што тој се наоѓа во моментов.
„Од хуманитарни причини, организиравме на располагање да биде медицински авион со кој Навални би можел да биде префрлен во Германија“, изјави претседателот на таа организација, за германскиот весник „Билд“.
Операција од сличен вид тој организираше и во 2018 година за челнови на контроверзната руска група „Пуси рајот“.