Погон за собирање и преработка на медицински и секаков друг вид опасен отпад било предвидено да се отвори на локација во близина на погони за производство на храна. По пријава на граѓани од општина Гази баба, Државниот инспекторат за животна средина утврдил недостатоци во елаборатот за кој решение издало Министерството за животна средина и просторно планирање.
Загриженоста на граѓаните била уште поголема поради информацијата дека сегашниот инвеститор Ремендис Медисон ДОО Битола е всушност наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Еко клуб“, во јавноста позната по нивното несоодветно постапување со медицинскиот отпад.
„ Барањето беше доставено од страна на граѓани од општина Гази Баба, собрани во Иницијативен одбор за депонијата Вардариште. Елаборатот го имаа добиено преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Имено, барателот се противи на лоцирање погон за собирање и преработка на медицински отпад и секаков друг вид опасен отпад на Кванташки пазар, во непосредна близина на погони за производство и дистрибуција на храна (месни индустрии „Солета“ и „Римес“, како и трговија со храна „ЈС Актуел“). Нивната загриженост е уште поголема поради информацијата дека сегашниот инвеститор Ремендис Медисон ДОО Битола е всушност наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Еко клуб“, во јавноста позната по нивното несоодветно постапување со медицинскиот отпад“, неведуваат од ДИЖС.
Инспекторатот на Градот Скопје минатата година при увид на лице место утврди дека медицинскиот опасен отпад, наместо да се обработи на висока температура и да се уништат микроорганизмите, се меле, се товари на камиони и се фрла на комунална депонија, спротивно на законот, со што станува загадувач на градот и извор на зарази. За ова сомневање градскиот инспекторт достави пријава до Јавното обвинителство.
Граѓаните од Гази Баба биле загрижени што овој Елаборат на фирмата за медицински отпад бил веќе одобрен со Решение за одобрување од Министерството за животна средина, па бараат поништување на Решението, за да не се случи во време на пандемија од погонот да се ослободуваат патогени и други опасни материи, поради неприменување на соодветни законски пропишани третмани на отпад.
„ Државниот инспекторат изврши увид во Елаборатот за заштита на животната средина и беа утврдени сериозни недостатоци, особено бидејќи на инвеститорот му се одобрува, спротивно на закон, да врши стерилизација на хемикалии и патоген отпад. Хемикалии, лекови, вклучително и цитостатици, што со Елаборатот се предвидени за стерилизација, може безбедно да се третираат само во печки за спалување што обезбедуваат високи стандарди за животна средина, а такви нема услови да се постават на таа локација. Дополнително, на локацијата се одобрува складирање на отпадни масла што содржат полихлорирани бифенили, а овие масла се канцерогени и за нивно собирање и третман има исто така многу строги стандарди, што со Елаборатот не е обработено.“, соопштува ДИЖС.
Како што наведуваат од инпсекторатот, опишаната постапка за стерилизација на медицинскиот отпад не давала информации на кој начин ќе се спречи испуштање на патогени материи во водухот, односно не било предвидено да се вгради таканаречен ХЕПА филтер. Овој Елаборат имал и многу други недоследности кои укажувале на потребата од негово преиспитување.
Државниот инспекторат за животна средина достави барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за преиспитување на донесеното Решение за одобрување на Елаборатот, за да се зачува законитоста на постапките со кои се обезбедува здрава животна средина.