Радиодифузерите, печатените медиуми и интернет порталите се должни да се регистрираат во ДИК, доколку обезбедуваат платено-политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за предвремените парламентарни избори. Кон барањето задолжително се приложува тековна состојба издадена од Централниот регистар.
ДИК потоа ќе изготви Регистар на медиуми кои ќе даваат услуги на платено-политичко рекламирање за време на предвремените избори за пратеници.
„Медиумите се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање за изборите. Ценовниците се доставуваат до ДИК најдоцна на 21 февруари на полноќ,“ информираат од ДИК.
Сумата која може да се исплати на еден интернет портал и печатени медиуми од еден учесник во изборниот процес, не може да биде поголема од 15.000 евра во денарска противвредност.
Медиумите кои нема да се регистрираат во ДИК и нема да бидат во Регистарот и кои нема да достават ценовници во предвидениот законски рок, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за изборите 2020 обезбедени од буџетот.
Учесникот во изборната кампања не може да нарача платено-политичко рекламирање од медиумите кои не се регистрирани во Регистарот и да ги исплати од средства на трансакциската сметка за изборна кампања.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.