Утрински Весник
Македонија

МВР со реакција на обвинувањата за тендерот за соларни панели

МВР со реакција на обвинувањата за тендерот за соларни панели

Од МВР најостро ги демантираат, како што велат, дезинформациите што денеска ги пласира политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференција обвини дека тендер за соларни панели за МВР добила фирма за транспорт, како што кажа, истата што набавувaла машини за перење од 25.500 евра во општина Ѓорче Петров.

Од МВР во својата реакција ја информираат јавноста дека согласно својата стратегија за енергетско-ефикасно и еколошко министерство, покрај исфрлањето на огревното дрво и мазутот од употреба, имале предвидено и постапка за инсталација на соларни системи.

„Првата постапка беше објавена во септември 2021 година и истата заврши со поништување од причина што остана само една прифатлива понуда на економскиот оператор Дон Холдинг, од три поднесени. По извршена анализа, единствената прифатлива понуда беше исклучена поради цени повисоки од проценетата вредност и постапката беше поништена.

Во декември 2021 постапката беше повторно објавена, беа поднесени две понуди, од кои по направената анализа беше донесена одлука за избор и беше избрана понудата на Дон Холдинг, која беше во рамките на проценетата вредност. И во двете спроведени постапки, критериумите беа исти односно се бараа минималните услови за докажување на способност од Законот за јавни набавки и не постоеше ниту еден дополнителен критериум. За двете спроведени постапки не е поставено ниту едно прашање пред јавното отворање, каде било кој заинтересиран економски оператор може да даде забелешки за техничката спецификација или да бара промена на истата, ниту пак е поднесена жалба за тендерската документација или жалба на одлуката за поништување на првата односно избор во втората постапка“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Во него се додава дека секој одговорен политички актер во земјата треба да го поздрави елиминирањето на огревното дрво и мазутот од употреба и префрлањето на дел од објектите кон користење на сончевата енергија.

„Со спроведената набавка на 15 локации низ државата ќе се обезбеди топла вода во комплетната водоводна мрежа, па во 2022 година дел од објектите за прв пат ќе добијат топла вода во своето постоење. Опфатени се полициски станици, кујни, одморалишта, сместувачки капацитети во центар за обука Идризово“, наведуваат од МВР додавајќи дека и натаму ќе продолжат со имплементација на стратегијата за енергетско-ефикасно и еколошко министерство.

Можете да прочитате

Бочварски: После 4 години локална власт- ВМРО-ДПМНЕ не исполни ништо од ветеното

Бочварски: Очекуваме да се зголеми поддршката за СДСМ, на локалните избори ќе настапиме со коалициските партнери од изминатите десеттина години

НИ СЕ ВРАЌААТ ЛЕТНИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ: Пред нас многу сонце и значително потопло време!