Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е утврдено од каде се испраќани лажните покани за наводна тековна истрага во МВР со лажно претставување на државниот секретар, Магдалена Несторовска.
На фотографиите што ги сподели Несторовска, се забележува дека во самата порака има слика со амблем на полицијата, а во долниот дел на пораката е вметната слика која лажно прикажува скенирани документи во врска со наводна истрага.
„Сликата е линк кон веб-страница од која потенцијално би можел да се преземе малициозен софтвер https://eeae.sa/pdf.iso. Овој линк во моментот не е активен. Меѓутоа по направените проверки на веб страната https://eeae.sa утврдено е дека таа е во сопственост на Energy Environment Advisory Enterprise, правен субјект со седиште во Бахреин кој нуди сервисни услуги на нафтени полиња во Саудиска Арабија“ – информираат од министерството.
Од МВР велат дека по направената проверка на е-маил адресата, направена е и анализа на хедерот на пораката преку која се испраќаат лажните информации kala.tibor@famasz.hu и утврдено е дека истата припаѓа на унгарскиот правен субјект FAMASZ.
„По извршените проверки на веб страната од унгарскиот правен субјект www.famasz.hu утврдено е дека истата е хостирана во Словачка и поради тоа преку Секторот за меѓународна полициска соработка побарани се информации за сопственост кои се однесуваат на горенаведената е-маил адреса“ – додаваат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвoраат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, за да не наседнуваат на измами од ваков тип.