Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) – На 20.02.2020, полициски службеници од Eдиницата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје го привеле В.Ј.(40) од Скопје, затоа што при претрес во неговиот дом во населбата Аеродром, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 21.02.2020 во 00.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба ги лишиле од слобода Д.Ф.(31) и С.Ч.(19), двајцата од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 21.02.2020 во 01.45 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Кисела Вода извршиле преглед кај Д.К.(30) од Скопје и пронашле нож. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 20.02.2020 во 09.50 часот на Граничниот премин „Табановце“, при извршена контрола на А.Б.(32) од Русија, со место на живеење во Р.Германија, кој управувал патничко возило „опел“, со германски национални ознаки, било констатирано дека возилото во базата на податоци во Интерпол било предмет на потрага, односно било пријавено за украдено. При преглед во возилото биле пронајдени два гасни пиштола, кои биле одземени. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
На 20.02.2020 во 16.10 часот било пријавено дека на мaгистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во атар на с.Ругинце, патничко возило „фолксваген голф“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Е.Ј.(36) од Куманово, излетало од патот и се превртело. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле сопатничките С.С.(41) и Н.Ј.(56), двете од Куманово, а со телесни повреди се здобила Е.Ј., по што биле пренесени во Општата болница Куманово за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Куманово.
На 20.02.2020 во 14.20 часот во Полициската станица Карпош, А.Г.(45) од Скопје пријавила дека на ул.„Јуриј Гагарин“ нејзиниот 15-годишен син бил каснат од куче скитник во пределот на левата надколеница.
Во текот на 20.02.2020 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности при што oд сообраќај се исклучени двајца возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, еден возач затоа што управувал возило без да се стекне со право на управување на моторно возило и четири возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкциониран е и еден возач поради поминување на крстосница на црвено светло и еден возач поради неправилно престигнување. Во однос на пешаците, санкционирани се шест пешаци. Во текот на изминатиот ден 70 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.
На 20.02.2020 во 15.15 часот во Полициската станица Центар, М.Н.(60) од Скопје пријавила дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ била касната од куче скитник во пределот на десната рака.
Полициски службеници од СВР Битола на 20.02.2020 извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола. Притоа, било констатирано дека пет возачи управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, брзината ја надминале четворица возачи, четири возила биле нерегистрирани, на мобилен разговарале пет возачи, а појас не користел еден возач. За сите неправилности се издадени соодветни поднесоци. вг/