Утрински Весник
Македонија

Маџари и Сингелиќ ќе добијат велосипедска врска со Центар, активистите го бараат истото и за Чаир

Маџари и Сингелиќ ќе добијат велосипедска врска со Центар, активистите го бараат истото и за Чаир

Скопските населби Маџари и Сингелиќ ќе добијат велосипедско поврзување со централното градско подрачје во рамките на тековната реконструкција на булеварот Александар Македонски. Градот Скопје за прв пат ќе врши експропријација на земјиште за да се изгради велосипедска патека по овој булевар, преку која граѓаните од овие две населби ќе можат да патуваат со велосипед до центарот на Скопје. Станува збор за продолжување на велосипедската рута 1 од проектот „Скопје велоград“, која во моментов е изградена на потегот од населбата Автокоманда до Карпош.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ ја поздравуваат ваквата одлука на градските власти, но и посочуваат дека ова треба да прерасне во редовна пракса при изградбата и реконструкцијата на улиците во градот. Тие деновиве испратиле и допис до Град Скопје во однос на најавата за одложување на изработката на проектната документација за тунелот под Скопското Кале, со чија што изградба општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари преку Пластичарската улица треба да се поврзат со нова сообраќајница со центарот на Скопје.

Од „На Точак“ во дописот велат дека ако навистина има потреба од изградба на новата сообраќајница, која што треба да се поврзе кај Владата со булеварите „Св.Климент Охридски“ и „Илинден“, тогаш задолжително да се обезбеди безбеден пешачки и велосипедски сообраќај по неа. Тие бараат намалување на планираната ширина на коловозните ленти од 3,5 на 3 метри, тротоари со ширина од минимум 3 метри и велосипедски патеки од по 2,5 метри во двата правци на идната сообраќајница. Ако нема услови за вакво нешто, тогаш тие бараат да се изгради посебен пешачко-велосипедски мост и тунел за да можат граѓаните на овие општини поедноставно да стигнат до центарот на Скопје.

„Оваа врска по Климент Охридски ќе биде многу, многу атрактивна за пешачење и користење точак, за скратување дистанци меѓу Чаир и Центар, сакале или не. И ако не обезбедите специјален простор за нив, луѓето ќе го користат коловозот, ќе пречат на автомобилите, а и ќе ГИНАТ. Со најавените димензии, овој вијадукт ќе донесе пребрз сообраќај (околу 100 km/h) до Илинденска во срцето на Градот и ќе ја загрози безбедноста и амбиентот на живеење во најстрогиот центар. Поради сето наведено, бараме да се ревидира тендерската документација“, се вели во дописот испратен од „На Точак“ до Град Скопје.

Од „На Точак“ забележуваат дека токму граѓаните на Чаир и Бутел немаат ниту една велосипедска врска со центарот на Скопје, а треба да ги имаат и по улицата Цветан Димов и по идната сообраќајница што ќе се гради.

Инаку, „Мета.мк“ во изминатово лето пишуваше за конкретни предлози за развој на велосипедскиот сообраќај, вклучувајќи го и прашањето за изградба на нови патеки за движење на велосипедистите до периферните населби во Скопје.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал