Скопје, 3 мај 2020 (МИА) – На светскиот ден на слободата на медиумите, во ек на глобалната пандемија предизвикана од коронавирусот, медиумите уште еднаш покажаа дека се клучни актери во општеството и дека играат една од најважните улоги. Покрај тоа што ги едуцираат граѓаните, се обидуваат секој од нив да го заштитат од најголемиот здравствен ризик во модерната историја, преку навремено и точно известување, истовремено медиумите ја чуваат демократијата во момент кога човековите права на повеќето луѓе на планетата во некоја мерка им се ограничени.
Ова го истакнаа денеска од Медиумската асоцијација на Југоисточна Европа (МАЈЕ), посочувајќи дека медиумите во време на криза покажале дека се најважен канал за комуникација со граѓаните и дека за нив е потребно да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка од сите влади во регионот.
– Сепак, и покрај фактот дека медиумите се една од најважните столбови на секое демократско општество, поголемиот дел од медиумската индустрија се соочува со неизвесна иднина, што е предизвикана од падот на глобалната економија поради Ковид-19. Во момет кога од медиумите се очекува да работат повеќе од кога било и сите информации да ги пласираат што е можно побрзо, приходите на пазарот на повеќето медиуми не овозможуваат ниту основно преживување, нагласи извршниот директор на МАЈЕ, Вук Мараш.
МАЈЕ ги повика сите влади од регионот покрај постојаните, итно да обезбедат и дополнителни форми и фондови за поддршка на сите медиуми, со цел да се обезбеди во услови на криза медиумите во целосен обем да можат да ја извршуваат својата функција и редовно да ги информираат нивните граѓани.см/ац/