Утрински Весник
Македонија

Математика и кошарка, совршена спортско-научна комбинација за успех на младата кривопаланчанка Драгана Петковска

Математика и кошарка, совршена спортско-научна комбинација за успех на младата кривопаланчанка Драгана Петковска

Крива Паланка, 31 мај 2020 (МИА) – Во период кога матурантите го завршија средното образование и размислуваат во која насока ќе ја продолжат професионалната надградба на знаења и потенцијали, неминовно е да се посвети внимание на млади и успешни личности, рол-модели во заедницата и општеството, кои се позитивен урнек за останатите, со својот едукативен, спортски или работен ангажман, со што ќе можат да бидат пример вреден за мотивација.

Младата кривопаланчанка Драгана Петковска е токму таков пример, која успешно ги комбинира и еднакво достигнува високи резултати и во спортот, кошарка, и во едукативниот сегмент, математика, графички дизајн, но и со работниот ангажман во текот на универзитетските години како претседател на друштвото по математика на „Њубери колеџ“ Западна Каролина, САД, и графички дизајнер во универзитетското списание.

Три години по ред е прогласена за најдобар математичар на „Њубери колеџ“ во САД, член на почесното „Пај ем-ју епсилон математичко општество, а годинава кога заврши со студиите се стекна со две дипломи: за завршен факултет по математика и за графички дизајн со уште една споредна насока, уметност. Од најдобра млада кошаркарка на Македонија во 2014 година и МВП на купот истата година, денес е дел од женскиот кошаркарски тим на колеџот „Њубери“, и тоа успешен, а најновата вест е дека е одбрана меѓу осумте најдобри студенти и се стекна со стипендија за магистерски студии на колеџот.

Со Драгана, која периодов во време на пандемијата ужива со своето семејство во Крива Паланка, разговаравме на сите овие теми, пред сè, како се постигнува баланс меѓу спортот и науката, како се распоредува и менаџира времето.

Драгана, неодамна ја доби веста од твојот Њубери колеџ“ дека доби стипендија за продолжување на образованието како награда за твоите особени достигнувања во досегашниот тек на школувањето. Стипендијата ја добиваат топ 8 студенти, што значи воопшто не е лесно да се достигне и добие. Што значи оваа стипендија?

Првично во САД дојдов со целосна кошаркарска стипендија, но сега школувањето можам да го продолжам со мојот академски успех. Чест ми е да бидам во првите осум студенти и посебно ми е драго што мојата напорна работа е забележана и воедно наградена. На 9 мај официјално дипломирав на Њубери колеџ“ и чувството за мојот успех е неверојатно, изјави Петковска.

Како започна твојата приказна на Њубери, како и зошто одлучи таму да се дообразуваш, знаеме дека потекнуваш од Крива Паланка, средно училиште заврши во двојазично образование во гимназијата „Орце Николов“. Што беше мотив, пресудно да се отиде преку океанот?

– Мојата приказна на Њубери започна уште во времето кога бев членка на мојот прв клуб, кошаркарски клуб „Крива Паланка. Кошарката, која беше најголем мотив за моето заминување од родниот град по завршувањето на основното образование беше и причината поради која заминав и од родната држава по завршувањето средно. И покрај тоа што се целев кон кошаркарски успех, никогаш не го запоставував школувањето. Напротив, средно се запишав во гимназијата Орце Николов“, Скопје, бидејќи беше најдоброто училиште во тоа време и совршеното место каде што можев да ги надградувам моите академски и кошаркарски квалитети. Њубери, како и Орце Николов“, ми ја даде истата можност што беше пресудна за моето заминување преку океанот.

Драгана вели дека навистина е многу тешко да се компилираат едукативните и спортските ангажмани, но предизвиците никогаш не ја спречиле да работи напорно, напротив, рече ја мотивирале.

Како дел од женскиот кошаркарски тим на колеџот имав многу напорни тренинзи, но тоа време го користев како релаксација и одмор за да можам да се справам со останатите активности надвор од спортот. Времето го планирав да ми биде исполнето и го користев секој момент во моја полза. Рано наутро имав тренинзи, потоа работев, одев на школо, па пак на тренинг и секогаш успевав да ги завршам сите обврски навреме. Многумина ми велеа дека не можам да ги одржувам кошарката и школувањето еднакво, но јас на сите им докажав дека не само што спортував и учев туку и работев.

Математиката ѝ е силна страна, научна област во која добива бројни признанија, награди, пофалници.

Кои се придобивките од тамошното образование споредено со овде?

Имам голем број награди од математика, три години по ред сум прогласена за најдобар математичар на колеџот, го освоив првото место на М. Терана, математичкоогички натпревар, ја освоив и наградата „Кој е кој меѓу студентите во американските универзитети и колеџи” (Who’s Who Among Students in American Universities and Colleges). Исто така бев и добитничка на уште една награда за мојот одличен успех и бев избрана како член во почесното „Пај ем-ју епсилон“ математичко општество. Сите овие награди ја илустрираат мојата напорна работа и јас сум пресреќна што сиот мој труд беше награден, што е одраз и на придобивките од школувањето во САД, кои се огромни. Јас имав можност истовремено да се стекнам со две дипломи: за завршен факултет по математика и за графички дизајн, со уште една споредна насока, уметност. Исто така „Њубери“ ми овозможи да го користам моето знаење на работа. Бев дел од тимот на компанијата „Самер медија“ и се стекнав со тригодишно работно искуство како графички дизајнер, раскажува Драгана.

Нејзината креативност и интелектуална способност ги презентира и преку графички дизајн, подучување во дел од времето, и тоа: математика, физика, германски јазик и, вели, успешно ги спроведувала сите ангажмани.

Мојата креативност ја имам уште од мали нозе. Се запишав на графички дизајн бидејќи обожавам да цртам и ги сакам компјутерите. Неверојатно е што сè можам да креирам дигитално и како сите мои идеи можам да ги илустрирам преку графички цртежи и постери. Покрај уметноста, ги подучував студентите на кампусот кои имаа потреба од математика, физика и германски. Во принцип, јас сум личност што сака да помага и да го покаже тоа што го знае, па затоа и одлучив да го работам сето тоа. Знам колку многу студентите се мачат со математика и физика и како претседател на математичкиот клуб на колеџот се ангажирав со оние на кои им беше потребна помош, вели Драгана.

Член си и на сениорската женска кошаркарска репрезентација на Македонија, колку и какви ангажмани имаш со тоа и како се реализира твојата надареност и потенцијал за кошарка таму?

– Женската сениорска репрезентација ги откажа сите активности поради ситуацијата во која се наоѓаме и моментално немаме никакви ангажмани. Секако, јас ја одржувам својата форма најдобро што можам. И покрај пандемијата, околностите ми одговараат поради тоа што сега имам можност да тренирам заедно со Виктор Ефремовски, мојот партнер, кој, пак, е член на машката сениорска репрезентација. И на двајцата ни имаат кажано дека ќе бидеме известени доколку федерацијата и селекторите се одлучат за некакви активности, а тоа најверојатно ќе биде во текот на летниот период. Да се биде дел од сениорската репрезентација е огромна чест и јас нетрпеливо очекувам пак да заиграм за боите на Македонија.

Со кошарка почна во матичниот клубКрива Паланка“, каде што стана и државен првак во кадетска конкуренција, а беше најмладиот играч во својот тим, но беше прогласена за МВП. Еден осврт на тој дел од твоето формирање на спортски индивидуалец и колку спортот придонесува за комплетно формирање на личноста?

– Бескрајно ќе му бидам благодарна на мојот прв тренер Ведран Белешковски, кој прв го виде мојот потенцијал за кошарка. Во КК „Крива Паланка“, клубот каде што Ведран беше тренер, се здобив со шампионска титула во кадетска конкуренција, бев прогласена за најдобар стрелец и МВП на финалето. Тој момент беше значаен за мене затоа што претставуваше почеток на мојата кариера. По две години, го напуштив КК „Крива Паланка“ и станав членка на КК „Кросиг“, каде што се добив уште многу шампионски титули и неколку награди, меѓу кои се наградите за најдобра млада кошаркарка на Македонија во 2014 година и МВП на купот истата година. Од КК „Кросиг“ заминав во КК „Вардар младинец“, па потоа во КК „Студент“ и на 18 години заиграв во КК „Вардар“, сè до моето заминување во САД. Како што гледате, поголемиот дел од мојот живот ми поминал со топка во раката. Кошарката од мене изгради посилна личност. Научив како полесно да се справувам со предизвиците, како да донесувам одлуки за краток временски период, како да се соочам со пораз и да го надминам. Научив како да опстојувам кога е тешко и како да се борам за нешто што го сакам. Исто така, благодарение на кошарката го запознав и мојот партнер Виктор, кој исто така е професионален кошаркар. Но тоа не е сè, кошарката ме однесе и на многу места, каде што запознав луѓе од други држави и научив за нивната култура. Со КК „Крива Паланка“ имав можност да учествувам на ФИБА-камп во Постојна, Словенија, во 2012 година како шампиони на градот Скопје, со тимот на гимназијата „Орце Николов“ секоја година патувавме низ градовите во Македонија, но и во разни земји како Турција, Словенија, Бугарија и Србија. Сениорската репрезентација на Македонија ме однесе на натпреварувања во Белгија, Литванија и Англија и, на крајот, кошарката ме однесе и до САД.

Каде ги помина деновите на пандемијата, колку е важна семејната поддршка, сигурно се радуваат на секој твој успех, колку имаш време да се навратиш дома, да си со нив?

– За среќа, успеав да се вратам во Македонија кога ситуацијата со вирусот не беше толку критична. Имав можност да останам во САД и да ги поминам деновите на пандемијата таму, но за мене најпогодно и најбезбедно беше да бидам дома со моето семејство и дечкото. Иако беа толку далеку од мене, во ниеден момент не ме оставија сама, ми беа најголемата поддршка и верувам дека без нив немаше да успеам да се изборам со сите предизвици за успешно да го завршам школувањето. Плановите за дипломската можеби не се остварија поради пандемијата, но јас сум пресреќна што сум дома и што ги прославив сите успеси со тие што најмногу се радуваат и се гордеат на нив. Со моето семејство ќе бидам сè до завршување на летото, а потоа ќе се препуштам на мастер-студиите некаде надвор од Македонија.

Pet Utrinski

Какви се плановите, што е следно, математика, графички дизајн, кошарка…?

– Плановите остануваат исти, со математиката ќе се служам на мастер-студиите, ќе продолжам и да работам како фриленсер графички дизајнер и се надевам дека ќе најдам клуб каде што ќе можам и да заиграм.

Ирена Димитровска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките

ЕСМ понуди поскапа цена на тендерот на ЕВН ХОУМ