Утрински Весник
Свет

Мароко веројатно ќе потпише мировен договор со Израел

Мароко веројатно ќе потпише мировен договор со Израел

Мароко, најверојатно, ќе биде една од следните арапски земји што ќе воспостави дипломатски односи со Израел по договорот меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел потпишан со посредство на администрацијата на Трамп, се вели во извештајот на израелската ТВ КАН, која се повикува се на американски официјални лица.

Мароко е дом на околу 3.000 Евреи – најголемата еврејска заедница од која било арапска земја. Околу 300.000 Евреи емигрирале од Мароко како резултат на немирите по основањето на државата Израел во 1948 година.

Мароко веќе има стабилни туристички и трговски односи со Израел, како и разузнавачка соработка. Според КАН, Мароко веројатно ќе побара САД да го признае неговиит суверенитет над територијата на Западна Сахара, која ја анектираше во 1975 година, во замена за нормализирање на односите со Израел.

Во извештајот се додава дека Рабат има за цел да ги зајакне врските со САД.

За Бахреин и Оман, кои ја поздравија одлуката на ОАЕ за воспоставување односи, се смета дека се следните веројатни кандидати за нормализирање на односите со Израел.

По трилатералните разговори меѓу трите земји во четвртокот, Белата куќа објави дека Израел и ОАЕ потпишале договор за воспоставување целосни дипломатски односи. Нетанјаху го опиша настанот како „историски момент на напредок на мирот“.

„Ова означува почеток на новата ера за односите на Израел со арапскиот свет“, рече тој.

ОАЕ е третата арапска земја што има воспоставено дипломатски врски со еврејската држава по Египет и Јордан. Поголемиот дел од арапскиот свет не го признава постоењето на Израел.

Лидерот на ОАЕ, Шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, објави на Твитер: „Обединетите Арапски Емирати и Израел се согласија за соработка и воспоставување билатерални односи“.

Министерот за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Најан, во неделата го повика својот израелски колега Габи Ашкенази во еден од првите директни телефонски повици меѓу двете земји. До сега, ОАЕ ги блокираа повиците до кодот на Израел +972.

Слично на тоа, израелските веб-страници за вести, кои претходно беа блокирани од владата на ОАЕ, сега се достапни. Првиот деловен договор меѓу приватниот сектор на двете земји се случи во саботата кога „АПЕКС нејшнел инвестмент“ од ОАЕ и израелската „Терагруп“ потпишаа договор за истражување и развој за борба против Ковид-19.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков