Министерот за правда, Бојан Маричиќ, при посета на Казнено поправниот дом – Штип, се сретна со директорот на затворот, Мики Тодоров, со кој разговараше за состојбата во затворот со фокус на ресоцијализацијата на осудените лица и состојбата со коронавирусот.
„Штипјани треба да се гордеат што токму овој затвор е прв во Југоисточна Европа во кој осудениците може да поминат време со своите деца во детско катче, во нормални и здрави услови за децата. Ова катче е направено од младите Штипјани од локалното средно училиште и студентите од Ликовната академија во Штип, што претставува пример како локалната заедница се вклучува во рехабилитацијата на осудените лица“, изјави Маричиќ.
Министерот истакна дека затворот нуди можност осудениците додека ја издржуваат казната да посетуваат настава и стручно да се оспособат како идни готвачи и заварувачи.
„На овој начин им се помага на осудените лица да стекнат вештини кои ќе им овозможат да најдат работа по издржувањето на казната и успешно да се ресоцијализираат“, додаде Маричиќ.
Директорот на затворот Штип, Мики Тодоров, го информираше министерот за правда во врска со состојбата со коронавирусот во установата и кажа дека се постапува според протоколите и во овој затвор нема осуденици кои се заразени со Ковид-19.