Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на здравјето, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ за време на Седмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа на тема „Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права“.
“Соочени со “непознатото”, коронавирусот ја наметна потребата од тоа да во голем број на држави се воведат рестриктивни мерки, кои пред се однесуваат и ги засегаат човековите права. Повторно, Северна Македонија не беше исклучок и во период на техничка влада, се соочивме со една од најсмелите одлуки, а тоа беше да прогласиме вонредна состојба за справување со последиците од пандемијата: здравствени и економски“, истакна Маричиќ.
Како една од најтешките одлуки на претходната Влада, Маричиќ истакна дека било прогласувањето на вонредната состојба и дерогација на човековите права утврдени во Уставот и Европската конвенција за човековите права и воведувањето на рестриктивните мерки.
„Главниот предизвик во целиот свет во справувањето со оваа пандемија е во заштитата на човековото здравје, која често подразбира и воведување на рестриктивни мерки. Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на јавното здравје. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се досега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза. Заедно со останатите држави и Северна Македонија прави максимални напори да го заштити јавното здравје и да балансира помеѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици. Сепак, водилка во одлуките за заштита на човековото здравје и одлуките за справувањето со пандемијата треба да биде светото тројство: владеењето на правото, демократијата и човековите права“, потенцираше Маричиќ.