Министерот за правда, Бојан Маричиќ, обраќајќи се на Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија на тема „Реформски идеи за прочистување на правосудството низ призмата на постојните механизми“, најави дека изработката на методологијата по која ќе се прочистува судството и обвинителството е во завршна фаза и набрзо следува нејзино објавување.
Според Маричиќ, со спроведувањето на суштинските реформи во правосудството изминатиот период, на чекор сме кон ефикасно и објективно прочистување на системот и враќање на довербата на јавноста во овој општествен сегмент која во моментов е на загрижувачко ниво.
„Треба да се дефинираат конкретни критериуми кои ќе бидат земени предвид во работењето на овие важни органи, односно сите судови и обвинителства. Мислам дека веќе имаме доволни механизми и ставот на Министерството за правда е дека независноста и непристрасноста на судството треба да бидат постигнати преку постојните законски решенија“, кажа Маричиќ.
Министерот додаде и дека методологијата ќе биде доставена на размислување и одобрување до Советот за реформи во судството. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе бидат двете носечки институции кои ќе треба да ја спроведат филтрацијата, а Комисија за спречување на корупцијата ќе биде вклучена во делот на проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите.