Виница, 16 феврури 2020 (МИА) – Маратонката Адријана Поп Арсова го доби признанието за спортист на Виница за 2019 година, со што втор пат по ред е оценета како најуспешна на изборот што го направи стручна комисија во локалната самоуправа.
На втората манифестација „Спортски асови“, чиј организатор Општина Виница, беа доделени награди и признанија за спортистите и екипите во повеќе категории, а во образложението беше речено дека целта е да се поттикнат младите да спортуваат и да постигнуваат забележителни спортски резултати
– Токму рекордерката во маратонско трчање, Адријана Поп Арсова е одличен пример за младите генерации затоа што во 2019 година постави 7 национални рекорди, двапати го подобри националниот рекорд на пет километри, двапати го сруши рекордот на десет километри и постави нов национален рекорд во полумаратон и маратон. Победничка е на Охридскиот маратон во конкуренција на кенијски атлетичарки, победи на полумаратонот во Софија, беше прогласена за најдобра спортистка за 2019 од ТАКТ, добитник е на признанието за особен придонес во атлетиката, а избрана е во Топ 3 најдобри спортисти на градот Скопје, истакна Македонка Мирева, член на комисијата „Спортски асови“.
Признанието за спортска надеж на Виница за 2019 година го доби Лука Змејковски од клубот за боречки вештини „Лидер“, а фудбалскиот клуб „Слога“, кој без примен гол стана есенски шампион во третата лига – југ, е прогласен за најдобра екипа. Наградата за најдобар тренер му припадна на Дарко Гоцевски од клубот „Лидер“,а Златко Насев од ФК „Слога“ е спортски работник за минатата година.
За надобра училишна спортска екипа е избран тимот од ОУ „Славчо Стојменски“, а признанија за придонес во спортот им беа доделени на Ангелина Атанасова за промовирање на алпинизмот, како и на Драган Јовановски за постигнатите резултати во стрелаштво. та/мч/