Утрински Весник
Македонија

Манифесто: Франција, САД и Кина во „вирусна врска“ со Вухан

Манифесто: Франција, САД и Кина во „вирусна врска“ со Вухан

7 мај 2020

Манифесто, Рим

Секако дека постои „вирусна врска“ со Вухан, пишува италијанскиот весник Манифесто и нуди свое објаснување што се крие зад размената на обвинувања и контраобвинувања помеѓу Вашингтон и Пекинг, за потеклото на вирусот Ковид-19, за кој повеќето научници веруваат дека има природно потекло, а не дека е последица од лабораториски експеримент.

„Постои ‘вирусна врска’ со Вухан, но изгледа дека тоа сè уште никој не му го соопштил на претседателот на САД, Доналд Трамп, и неговиот советник Мајк Помпео, кој ја обвини Кина дека го произведе Ковид-19“, пишува Манифесто.

Манифесто тврди дека постојат докази за милиони долари и соработка помеѓу Франција, САД и Кина во лабораторија, каде што под максимални мерки за безбедност се правени експерименти за животински вирус.

Поранешниот американски претседател Барак Обама поставил четиригодишен мораториум, но експериментирањето продолжило со целосна поддршка од Ентони Фаучи, кој е главен шеф на епидемиолошката служба на САД веќе 40 години, пишува весникот.

Американците и Французите со години финансирале експерименти со вируси, дури и за оние што немале дозвола во своите земји.

Според Манифесто, сè започнало во 2004 година, кога Франција финансирала изградба на лабораторија во Вухан со максимална безбедност за истражување животински вируси.

Кинеските експерти со години се обучувани на француските институти како „Жан Мериукс“ во Лион и со помош на институтот „Санофи Пастер“, најголемиот произведувач на вакцини во светот.

Во 2017 година лабораторијата во Вухан започнува со работа, но околу 50 француски експерти не биле присутни, иако, според договорот помеѓу двете земји, учеството на француските експерти било договорено. Откако Франција била исклучена од проектот, во него се вклучиле САД, а според Манифесто, одговорен за операцијата бил Ентони Фаучи, човекот кој е експерт за вируси, но и за моќ, човекот кој Трамп сакаше да го отпушти пред неколку седмици.

И тоа е таа вуханска врска, според Манифесто: „Фаучи како директор на Националниот институт за алергија и заразни болести финансира проекти за вируси, токму во Институтот во Вухан со 3.7 милиони долари во 2019 година.

Но претходно, САД вложиле 7,4 милиони долари за истражување вирус во Вухан. Истражувањето е предводено од докторката Ши Женг Ли или како што медиумите ја нарекоа „докторка лилјак“, која имала специјализација во лабораториите во Монпелје и Лион.

Соработката помеѓу САД и Кина во лабораторијата во Вухан требаше да продолжи и оваа година, како што пишува весникот, токму на истражување мутација на животински вирус кога го напаѓа човекот.

Проектот прекина на 24 април, кога Трамп, Макрон и Меркел започнаа да ги обвинуваат Пекинг и СЗО за наводна нетранспарентност за пандемијата.

Но, лошата транспарентност на податоците може да се припише и на западните научници критикувани од некои американски научници затоа што соработката меѓу САД и Кина исто така вклучува генетска манипулација со висок ризик вирусот да избега од лабораторијата.

Таа можност целосно ја исклучува докторката Џона Мазет, американски епидемиолог, која тврди дека не е дојдено до никаква грешка и дека соработувала и лично контактирала со кинескиот партнер докторката Ши Женг Ли, која раководи со една од лабораториите во Вухан, пишува Манифесто.

Мазет никогаш лично не ја посетила лабораторијата во Кина, како ни француските колеги, но тврди дека разговарала со Женг Ли, која ја уверила дека никој не го идентификувал Ковид-19, пред да експлодира пандемијата.

Според весникот Манифесто приказната е малку поинаква од официјалната: Французите, а потоа и Американците сакале да прават експерименти со висок ризик во Кина, што поради таа причина биле забранети, а многу научници се противеле на такви експерименти.

Весникот заклучува дека во моментов не може со сигурност да тврди што всушност се случило во Вухан, но една работа е сигурна, пишува Манифесто: „Само со пандемијата на Ковид-19 излезе на виделина вознемирувачката приказна за ‘вирусната врска од Вухан’“. ки/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Сушниот и топол период продолжува во Македонија, постои опасност од појава на нови шумски пожари

Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин кој беше на лекување во Виена 

Мицкоски, Мисајловски и Агелер во посета на касарната „Јане Сандански“ – Штип