Утрински Весник
Свет

Макрон: Нема извинување за француските злосторства во Алжир

Макрон: Нема извинување за француските злосторства во Алжир

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема јавно да се извини за колонијалните злоупотреби извршени во Алжир, пренесува „Мидл Ист монитор“.

„Нема да има покајание, ниту извинување за 132-годишната француска окупација на Алжир или за бруталната Војна за независност. Наместо тоа, претседателот ќе учествува во „симболични акти“ насочени кон промовирање на помирувањетo“, рекоа од неговиот кабинет за „Франс 24“.

Изјавата беше објавена во средата, кога Макрон требаше да се сретне со истакнатиот историчар Бенјамин Стора во Елисејската палата и да го прифати неговиот извештај за колонизацијата на Алжир. Стора беше ангажиран за извештајот од страна на Макрон минатиот јули за да се погрижат историјата на алжирската војна да биде позната и гледана со луцидност.

Алжирците во минатото бараа Франција да ги признае и да се извини за дискриминаторските практики и злосторствата извршени за време на колонијалното владеење во земјата. Врз основа на проценките на алжирските историчари, 1,5 милиони Алжирци биле убиени за време на нивната борба за независност. Француските историчари ја проценуваат оваа бројка на 400.000 од обете страни за време на алжирската војна за независност 1954-1962.

Алжир се стекна со независност на 5 јули 1962 година.Иако Макрон одби официјално да се извини, тој е меѓу ретките француски лидери што го призна крвавото колонијално минато на земјата.Како претседателски кандидат, Макрон во 2017 година недвосмислено ја осуди колонијалната историја на Франција, нарекувајќи ја злосторство против човештвото, а како шеф на државата инсистираше на потребата подобро да се застапуваат одредени делови од нивната колективна историја и да се интегрира историјата на колонизацијата.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков