Утрински Весник
Македонија

Македонското знаме кренато пред седиштето на НАТО во Брисел

Македонското знаме кренато пред седиштето на НАТО во Брисел

Скопје, 30 март 2020 (МИА) – Знамето на Северна Македонија попладнево е кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.

Знамето беше кренато додека се интонираше химната на Република Северна Македонија.

Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнувајќи оти ова е историски момент за нашата земја.

– Ние сме денеска собрани овде да и посакаме добредојде на Северна Македонија во семејствоото на НАТО со подигнување на знамето. Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбил на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа години посветеност и заложба за реформите, рече Столтенберг.

Тој истакна дека Договорот од Преспа го овозможи пристапувањето во НАТО и овозможи добросоедски односи и светла иднина за Северна Македонија

– Вашата напорна работа го овозможи овој ден. Ова е добро за стабилноста, безбедноста и мирот на цел Западен Балкан, рече Столтенберг.

Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО, веднаш по церемонијата напиша на Твитер: „Историски момент. 30 знамиња се кренати пред седиштето на НАТО, посакувајќи и добредојде на Северна Македонија како наша најнова членка“.

Историски ден за НАТО, и за сите граѓани на Северна Македонија.Тука сме стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно сите сојуззници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузницте, изјави денеска в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров на свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел.

– Со членството во НАТО нашата иднина ќе биде стабилна, безбедна и просперитена. И ние ќе носиме одлуки за најважните прашања во рамките на насилната, најдобро организираната и најефикасната алијанса во историјата на шовештовото. Од сега натаму не сме сами, рече Тодоров.

Ние сме свесни, додаде тој, дека НАТО не е само за нашата стабилност и безбедност и сигурност. Како мала земја во срцето на Балканот која ја доби својата независнот пред речиси 30 години на мирен начин, прашањето на нашата безбедност, посочи Тодоров, секако е прво и најважно, меѓутоа нашето пристапување кон НАТО потврдува едно поважно постигнување, а тоа е гаранција за заштита на демократските вредности на модерниот западен свет на парламанетарна демократија кои ги споделуваат една милијарда луѓе на овој дел од светот, а ги споедлуваме и ние – човековите права, владеењето на правото, доброто владеење и социјална заштита за сите.

– Нашето членство во Алијансата длабоко сум убеден дека е триумф на три интегрални сегменти од нашата Влада. Надворешната политика и нејзината професионална демократија, Армијата и нашата мудра, сеопфатна и темелна одбранбена политика, но над се тоа е триумф на целото македонско општетство и на сите граѓани на нашата Република, рече Тодоров.

Тој порача дека Северна Македонија е подготвена да ги преземе сите обврски од членството во НАТО.

– Подготвени сме целосно да го земеме нашето место во телата и структурите на НАТО. Подготвени сме да учествуваме и да дадеме наш придонес со цел успешно функционирање на нашата организација и од сега и засекогаш, еднаш и засекогаш ќе памтиме и ќе велиме – Ние сме НАТО, потенцира Тодоров.

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што имаше и кусо обраќање.

Спасовски рече дека денеска го остваруваме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес. Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг, како што рече тој, но наградата што пристигна денеска со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел ја заслуживме.

– Бидете горди почитувани мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја. Навистина ние денеска водиме една друга битка, битка со короната. Но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме, да се запише дека денеска е ден за паметење, ден историја. Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северноатлатнската алијанса, најмоќниот военобезбедносен сојув со историјата на човештвото, рече Спасовски.

Тој нагласи дека многу бргу по независноста на нашата земја тргнавме во остварување на оваа наша стратешка цел, се соочувавме и ги совладувавме сите предизвици, а во последните три години ги направивме клучните реформи, ги донесовме историските одлуки што го помрднаа силно нашиот евроатлантски процес кој беше сериозно загрозен.

– Со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество и наградата стигна заслужено. Бидете уверени дека ќе ја совладаме битката со коронавирусот и ќе го продолжиме нашиот пат на кој си поставивме остварување на другата стратешка цел – успешна завршница на процесот на преговори и членство во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме на успешно спроведување на процесите за уште подобро општество и за уште подобра државна заедница на сите наши граѓани. Држава која ќе остане искрен и добар сосед со сите земји во нашиот регион, држава која што ќе ги зајакне своите капацитети и која ќе биде партнер на сите наши НАТО сојузници во глобалните предизвици за чување на мирот. Сојузник од кој ќе може сите останати партнери во НАТО да очекуваат поддршка и сојузник кој секогаш ќе може да смета на сите останати земји членки, подвлече Спасовски.

Тој укажа и на сите оние од земјавата и на сојузните од странство кои се вградија во успехот што го одбележуваме денеска.

– Наша должност денеска е да им оддадеме признание на сите оние кои искрено и чесно се вградија во нашиот евроатлантски процес. На сите ним им упатувам изрази на искрена почит и благодарност. Ова посебно се однесува на претходниот претседател на Владата Зоран Заев за неговото неуморно залагање и храбри одлуки. Овој ден немаше да се оствари и без поддршката на нашите сојузници – САД, земјите членки на НАТО и нашите соседи. Среќни сме што денеска сме заедно со нив, поврзани со солидарноста и единството. Заедно сме посилни и од денеска ние сме НАТО, порача премиерот Спасовски.

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на земјава во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено се подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД.

Церемонијата на подигнување на знамето се одржа симултано во исто време и во седиштето на Здружената команда за операции (Shape – Mons) и во седиштето на Здружената команда на НАТО за трансформации во Норфолк, Вирџинија.

Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава во Алијансата. нд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ