Утрински Весник
Македонија

Македонски научници на листата на најцитирани и највлијателни научници на светско ниво

Македонски научници на листата на најцитирани и највлијателни научници на светско ниво

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со дел од македонските научници коишто се на листата на најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области за 2020 година, публикувана од Универзитетот Станфорд oд САД.

Помеѓу топ 2% најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области се најдоа Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Леонид Грчев, член на МАНУ, Валентин Мирчески од Институт за Хемија од ПМФ – Скопје, Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институт за Хемија од ПМФ – Скопје.

На листата е и Ратко Јанев, член на МАНУ, кој почина минатата година.

Изборот е направен врз основа на опсежна анализа на релевантни индикатори како објавени трудови, цитираност, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.

Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека на средбата со него, научниците го информирале претседателот за нивните научно-истражувачки активности, како и за перспективите и потенцијалите на областите во коишто секој од нив работи. На средбата се размениле мислења и за низата предизвици коишто значително го усложнуваат неопходниот развој на науката и истражувачката дејност во земјава.

„Упатувајќи честитки за импресивните достигнувања на нашите научници, претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од зајакнување на соработката меѓу државните институции, науката и бизнис секторот, бидејќи развојот на секое општество е неминовно врзан со инвестирањето во образованието. Во тој контекст ја нагласи неговата лична заложба за промовирање и поддршка на проекти чија цел е поттикнување на научната и истражувачката работа кај младите“, се наведува во соопштението.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Починатиот Александар ниту работел во „Пулс“, ниту имал здравствено осигурување додека се водел како управител на фирмата

Македонски државјавин уапсен во Србија за шверц на електронски цигари

Мицкоски: Вложуваме во образованието со триесетина проекти со вредност од над една милијарда денари