Утрински Весник
Македонија

Македонски и албански еколошки здруженија бараат Охрид да биде ставен на Листата на светски наследства во опасност

Македонски и албански еколошки здруженија бараат Охрид да биде ставен на Листата на светски наследства во опасност

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.

Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа што се најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност, туку директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.

„За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето, итн.“, се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.

Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.

„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“ – е ставот на Фронт 21/42.

Можете да прочитате

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме

Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон