Развојот и инвестициите во енергетскиот сектор остануваат приоритет на Владата на РСМ која во последните три години својата енергетска политика ја насочи кон исполнувањето на целите на ЕУ и кон патот на енергетската транзиција. А, еден од клучните предизвици во иднина секако ќе биде одржувањето на стабилноста на електроенергетскиот систем и производство на поголеми количини на електрична енергија од обновливи извори.
Тоа, меѓу другото, го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на синоќешниот панел: „Предизвиците на регионалната енергетска интеграција во согласност со енергетските приоритети на ЕУ и Зелениот договор 2050 година“, кој се одржа во рамките на Македонскиот енергетски форум 2020.
Тој потсети дека РСМ донесе два важни закона во кои се имплементирани ЕУ директивите за внатрешен пазар на енергија и на енергетската ефикасност. Тоа се Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, како и дека лани се потпишаа договори за изградба на фотонапонски електрани со инсталиран капацитет од 62 мегавати. Во тек е и постапка за ЈПП со АД ЕСМ за изградба на две фотонапонски електрани по 40 мегавати кај рудникот за јаглен во РЕК Осломеј, што е пример на енергетска транзиција, односно замена на термоелектрана на јаглен, со фотонапонски електрана, која произведува 100 отсто чиста енергија.
„Во моментот во фаза на градба е интерконективниот 400 киловолтен далновод меѓу РСМ и Албанија, а со цел балансирање на електро-енергетскиот систем во иднина, Владата има распишано оглас за хидроцентрала Чебрен. Овој долгогодишно најавуван проект, кој две децении неуспешно се промовира, конечно ќе го најде својот пат кон успешна реализација. Ваков тип на електрана ќе има за цел, покрај производството на чиста електрична енергија, да се грижи и за одржувањето на стабилноста на електро-енергетскиот систем“, рече Битиќи.
Според него, регионот на Западен Балкан важи за јаглено интензивен регион и спроведувањето на енергетската транзиција ќе биде една од најпредизвикувачките работи во наредните 10 до 20 години.
„Во таа насока, мисијата на ЕУ во Скопје, заедно со ЕБОР започнаа пилот проект за изработка на Дијагностика за праведна транзиција (Just Transition Diagnostic) на РСМ која заедно со Стратегијата и Националниот план за енергија и клима, ќе бидат патокази кон успешна енергетска транзиција на РСМ“, посочи Битиќи.
Премиерот, Зоран Заев потсети на дел од планираните енергетски проекти, како што се терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција, за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори. Интерконекторот меѓу РСМ и Грција е клучен енергетски инфраструктурен објект со кој ќе се обезбеди повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас, а според Заев, заедно со надградбата на постојниот нафтовод, може да ја направи РСМ дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.
Еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок, се вложувањата во енергетскиот сектор.
„Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Дополнително, и кон постепено преминување на извори на чиста енергија со користење на еколошките извори на енергија вода, сонце и ветер, се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија“, рече Заев.
Тој посочи дека примената на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност се дел од рамките за реализација и на Зелениот договор на ЕУ кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година.
„И нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите“, изјави Заев.
На панелот покрај вицепремиерот Битиќи, учествуваа и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје, Анди Аранитаси, заменикот директор на секретаријатот на Енергетската заедница, Дирк Бушле и директорката на МЕПСО, Ева Шуклева.