Утрински Весник
Спорт

Македонските кошаркари немоќни против Естонија

Македонските кошаркари немоќни против Естонија

Скопје, 20 февруари 2020 (МИА) – Неуспешен почеток за македонската кошаркарска репрезентација во квалификациите за евро-шампионатот 2021. Избраниците на селекторот Александар Тодоров вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ се поразени од Естонија со 72:81.

Гостите уште од самиот почеток тргнаа со 0:6 и покажаа дека во Скопје се дојдени по двата бода. „Црвено-жолтите“ постојано го бркаа резултатот, но најмногу што сторија е доближувањето до минус два (16:18) на една минута пред крајот на првата четвртина која им припадна на Естонците со 16:20. Следуваа тешки 10 минути за македонските кошаркари кои во вториот период постигнаа само пет поени, а примија 25 за на пауза да се отиде со резултат 23:45.

Играта на почетокот на второто полувреме донесе надеж кај три и полилјадната публика дека може да се случи резултатски пресврт. Разликата од 22, падна на 10 по само шест минути (43:53), но Естонците направија серија од 5:0, за по 30 минути резултатот да биде 46:60.

Последниот период гостите го отворија со тројка за високи +17, а двоцифрената предност ја одржуваа до 35.минута кога Македонците намалија на 62:70 и тоа е се што сторија на овој меч.

Најефикасен во нашиот тим беше Војдан Стојановски со 26 поени, во победничката селекција, водено и на натпреварот најпрецизен беше Кристијан Куламае со 31 поен.

Во другиот натпревар од 1. коло во Б-групата од квалификациите за ЕП, Италија вечерва е домаќин на Русија. зс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Италија го обрани Дејвис купот, Синер влезе во историјата на тенисот

Димитријевиќ сам играше против Литванија, постигна 43 поени во поразот на Македонија

Ливерпул на „мускули“ победи кај последно пласираниот Саутемптон