Ковид-19 пандемијата во првите десет месеци од годинава предизвикала македонските аеродроми да изгубат над 1,5 милиони патници, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Огромните штети што ги трпи авиосообраќајот продолжиле и во октомври 2020 година, кога низ портите на аеродромите во Скопје и Охрид минале само 54.941 патник.
Од јануари до октомври 2020 година во воздухопловниот превоз се регистрирани 686.732 патници, што е историски најмал број на превезени патници во изминатава деценија. Колку за споредба, во идентичниот период лани на македонските аеродроми имало 2.282.047 патници. Изразено во проценти, намалувањето на бројот на превезени патници во првите десет месеци годинава изнесувало 69,9 отсто во однос на истите 10 месеци од 2019 година.
И покрај огромните негативни последици што ги трпат аеродромите во земјава, статистичките податоци за Балканскиот регион покажуваат дека падот на авиосообраќајот е речиси идентичен како во Македонија, така и во соседните земји Грција, Бугарија и Србија, па дури и Албанија која изминатово лето имаше отворени граници за влез без ПЦР тестови, регистрира намалување на авиосообраќајот од речиси 60 отсто. Сепак, Словенија и Црна Гора со намалување од над 80 отсто на бројот на патници на аеродромите предничат во целиот регион.
Состојбата со авиосообраќајот во нашата земја не се очекува да се подобри ниту во зимските месеци. „Катар ервејс“, „ФлајДубаи“, „Ејџиан“ и „ЛОТ“ нема да летаат претстојнава зима од Скопје, додека „Визер“ се одлучи да го намали засега за 77 отсто капацитетот на понудените седишта за нејзините летови во еден правец од Меѓународниот аеродром Скопје и за 85,2 отсто од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид за претстојнава зима во споредба со минатата година, објави „Ex-Yu Aviation.
„Мета.мк“ веќе опширно пишуваше за штетите што ги предизвика ковид-19 пандемијата во авиосообраќајот во земјава.