Утрински Весник
Македонија

Луазо и Ќучук: Жителите на Западен Балкан заслужуваат живот како и мнозинството граѓани на ЕУ

Луазо и Ќучук: Жителите на Западен Балкан заслужуваат живот како и мнозинството граѓани на ЕУ

Брисел, 13 март 2020 (МИА) – Пратеничката група Обнова на Европа во Европарламентот го поддржува проширувањето на ЕУ и силно верува во европската перспектива на Западен Балкан, наведуваат европратениците Натали Луазо и Илхан Ќучук во статија за „Еурактив“.

– Уверени сме дека граѓаните на земјите од Западен Балкан заслужуваат да уживаат во придобивките од владеење на правото, функционални државни институции, професионална администрацијата и здрави економски политики, како и мнозинството од жителите на ЕУ, оценуваат двајцата европратеници на Обнова на Европа.

Тие повикуваат на поголема политичка посветеност на процесот на проширување, подобро информирање од нејзините придобивки за граѓаните на Западен Балкан и на ЕУ и ја искажуваат својата поддршка на методологијата на проширување предложена од Еврокомисијата и на иницијативата за именување специјален пратеник за Западен Балкан.

Луазо и Ќучук наведуваат дека реформите во ЕУ треба да се одвиваат паралелно со процесот на проширување, бидејќи на сите Европејци им е потребна „поцврста и проширена Унија“.

– На жителите од Западен Балкан треба да им се објасни дека реформите се прават во нивни интерес, а не за да се задоволи ЕУ. Европските жители, пак, треба да се убедат дека е посигурно и покорисно целосно обединување на нашиот континент, отколку задржување на неразумниот статус кво, се оценува во текстот.

Двајцата европратеници апелираат до Европскиот совет да ја прифати новата методологија, како и да донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија пред Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Тие во статијата изразуваат поддршка и на идејата за именување специјален пратеник за Западен Балкан, кој, според нив, би требало да им биде подреден на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и на еврокомесарот за проширување и соседска политика и да биде посветен на разрешување на сложените конфликти во регионот.

– Земјите од Западен Балкан географски, историски и културно и припаѓаат на Европа, па затоа мораме колективно да ги зајакнеме нашите напори за нивни економски и политички влез во нашата Унија, заклучуваат двајцата европратеници во нивната статија во „Еурактив“.

Луазо е претседавачка на Поткомитетот за безбедност и одбрана на Европарламентот и членка на партијата Република во движење (РЕМ) на францускиот претседател Емануел Макрон, а Ќучук од бугарското Движење за права и слободи (ДПС) е известувач на ЕП за Северна Македонија. сп/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер