Моделот Линда Евангелиста за првпат се појави на насловната страница на „Вог“ откако речиси пред една година откри дека била деформирана по неуспешен козметички зафат.
На фотографиите се користеле лента и ластик за затегнување за да ѝ се повлече лицето, вилицата и вратот наназад, криејќи ги несаканите последици од третманот за замрзнување маснотии.
„Ова не се мојата вилица и врат во реалниот живот – не можам да се шетам со лента и ластици насекаде“, изјави таа за магазинот.
„Се обидувам да се сакам себеси таква каква што сум.“
„Но, за фотографии, секогаш сме тука да создаваме фантазии“, додаде таа. „Создаваме соништа. Мислам дека тоа е дозволено. Исто така, сите мои несигурности се згрижени на овие фотографии, па можам да го правам она што сакам да го правам.“
Помина речиси една година откако канадскиот супермодел, една од најпознатите икони на модните писти и насловните страници на списанијата во ’90-тите и 2000-тите, откри дека исчезнала од јавноста затоа што била „брутално обезличена“ со нехируршка процедура за намалување на маснотиите.
Таа тврдеше дека третманот CoolSculpting – бренд име за криолиполиза каде се користат ниски температури за редуцирање на масни наслаги – ја деформира и дека крајно ретка нуспојава ги зголеми, наместо да ги намали, масните клетки.
Сега, таа изјави за британски Вог: „Да знаев дека несаканите ефекти може да вклучуваат губење на егзистенцијата и дека ќе резултираат во тешка депресија што ќе се мразите себеси… немаше да го преземам тој ризик“.
Линда фотографирана на „Мет гала“ во 2015 година