Мартин Скорсезе реши која актерка ќе ја има главната женска улога во неговиот многу очекуван нов филм „ Убијци на цветната месечина“ (Killers of The Flower Moon).
Режисерот ветеран ја ангажира Лили Гледстоун (34) да глуми наспроти Роберт Де Ниро и Леонардо ди Каприо во филмот базиран на вистинската приказна, објави „Варајети“ во четвртокот.
Ова е голем исчекор за Гледстоун, која е релативно непозната со улоги во неколку продукции, меѓу кои независната драма од 2016 година Certain Women.
Филмот е адаптација на најпродаваната книга на „Њујорк тајмс“ од авторот Дејвид Гран. Истоимената книга, Killers Of The Flower Moon, говори за едно од најмонструозните злосторства во американската историја. Сторија за застрашувачки заговор и брутални убиства на американски домородци во Оклахома во 1920-тите.
„Кога ја читав книгата на Дејвид Гран, веднаш почнав да го замислувам филмот: луѓето, сцените, акцијата…и знаев дека морам да ја екранизирам оваа книга”, рече Скорсезе.
Снимањето треба да започне оваа пролет.