Утрински Весник
Македонија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид на средби со претставници на бизнис-заедницата, занаетчии, просветни работници од градот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид на средби со претставници на бизнис-заедницата, занаетчии, просветни работници од градот

Охрид, 19 февруари 2020 (МИА) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во рамки на партиските теренски активности денеска посети неколку производствтени капацитети во Охрид, при што во разговорите со менаџментот на „ОДВ Електрик“ и „Екошпар“ презентираше дел од економските политики на партијата воочи предвремените парламентарни избори, меѓу кои враќање на рамниот данок и укинување на прогресивното оданочување.

– Стана збор и за царинските давачки што им се товар на економските субјекти, парафискалните давачки, процедурите, но истовремено разговараме и за најсериозниот проблем и предизвик на сите работодавачи, а тоа е недостигот квалитетна работна сила, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на техничкиот премиер Оливер Спасовски дека престојната предизборна кампања ќе биде една од највалканите, одговори правајќи паралела дека „диригентот налага како оркестарот ќе свири“.

– Доколку тој не е способен на тоа што се нафатил, а очигледно не е способен да ја менаџира во вистинска насока оваа работа, тогаш ќе имаме валкана кампања и да, подготвени сме да одговориме на тие валканици до крај. Така што тој предизвик го прифаќам и ќе одиме до крај, рече Мицкоски.

Тој го отфрли како неточни објавените информации дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се „ослободи“ од сите досегашни пратеници, како и оти Елизабета Канчевска-Милевска повторно ќе се враќа во партијата.

– По однос пратеничките листи на партијата за престојните избори Мицкоски рече дека истите наскоро ќе бидат познати, со тоа што прво ќе бидат објавени носителите на листите, некаде во перидот до 5 март, додека до 10 идниот месец ќе бидат објавени и пратеничките листи, така што јавноста ќе дознае кои од постојните пратеници ќе бидат дел од новиот парламентарен состав. Како што кажав и многупати во минатото, ќе има и многу нови лица што ќе се најдат на пратеничките листи, рече Мицкоски.

Инаку, попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид ќе има средби и со просветните работници, занаетчиите, како и со партиското членство. аб/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово