Лајпциг, 26 февруари 2020 (МИА) – Трансферот на стрелецот на Р.Б. Лајпциг, Тимо Вернер во Ливерпул, се чини дека се приближува.
Англискиот клуб му понуди на 23-годишниот напаѓач договор од пет сезони и плата од 8 милиони евра годишно, плус соодветни бонуси, според италијанскиот новинар Николо Скира, кој рече дека преговорите се во тек.
Самиот Вернер не ја крие желбата да премине на „Енфилд“.
Вчера, „Спорт 1“ откри дека клаузулата за ослободување во договорот на германскиот репрезентативец со „биковите“ е половина пониска отколку што се сметаше порано. Според изворот, Вернер би можел да биде откупен за нешто помалку од 30 милиони евра плус евентуални идни бонуси, кои зависат од перформансите на напаѓачот.
Челси, Баерн Минхен и Реал Мадрид, исто така, ја следат ситуацијата околу Вернер, кој изгледа ќе го напушти Лајпциг по крајот на сезоната.