Утрински Весник
Свет

Либанскиот претседател Мишел Аун повика на прогласување секуларна држава

Либанскиот претседател Мишел Аун повика на прогласување секуларна држава

Либанскиот претседател Мишел Аун изјави дека ги поддржува повиците Либан да стане секуларна држава, пренесува „Мидл Ист монитор“.

„Повикувам на прогласување на Либан за секуларна држава“, рече Аун во телевизиското обраќање по повод претстојниот јубилеј на либанската држава.

Според него, создавањето секуларна држава е единствениот начин да се заштити и зачува плурализмот и да се создаде единство во нацијата. Од минатиот октомври, антивладините демонстранти во Либан го обвинуваат Аун (85) дека не е во контакт со младите во нацијата и нивните народни барања.

„Младите во Либан повикуваат на промени… за нив и за нивната иднина. Велам да, дојде време. Има потреба системот да се развива, модифицира, да се менува “, рече претседателот.

Аун повика на дијалог за да се смисли формула која е прифатена од сите и која ќе биде отелотворена во соодветните уставни амандмани. Таквиот дијалог треба да ги вклучи и верските власти и политичките лидери.

Аун не успеа да објасни како може да се смени владејачкиот систем во Либан во однос на секуларизацијата. Таквата транзиција би подразбирала огромно приспособување за Либан, во кој се управува по секташки линии повеќе од три децении.

„Либан може да се пофали со 18 различни верски секти и во него од 1989 година се владее со Договорот од Таиф, кој доделува клучни владини позиции на одредена верска група“, посочува „Мидл Ист монитор“.

Според договорот, со кој се стави крај на 15-годишната граѓанска војна, претседател на Либан мора да биде маронитски христијанин, премиер мора да биде сунитски муслиман, а претседател на парламентот шиитски муслиман.

Аун во својот говор не спомна ништо за отстранување на условот од Таиф дека секоја функција мора да ја извршува припадник на одредена религија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина

Во Велика Британија почна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија