Утрински Весник
Магазин

Лејди Гага може да стане и режисер

Лејди Гага може да стане и режисер

Медиумите коментираат дека ретко кој остана рамнодушен на актерските способности на поп-ѕвездата Лејди Гага, а откога воодушеви во филмот „Ѕвездата е родена“ за кој доби и „Оскар“ за најдобра песна, тоа го повтори и во „Куќата Гучи“.

Многу фанови, а и филмски критичари, ја пофалија нејзината глума во филмот за модната династија Гучи како најдобро нешто од филмот.

Во интервју за „Дедлајн“ таа призна дека ѝ се допаднал предизвикот и кога видела како се прават филмови, може да се види себеси и во улога на режисер: „Заинтересирана сум, да. Но, тоа е нешто што треба да го вежбам и да станам прецизна и вешта. Никогаш не би можела да бидам одлична во нешто што не сум го проучила доволно“.

Гага, која претходно режирала некои свои спотови, додава: „Снимав кратки филмови за моите спотови и многу ги сакам. Но, тие се засекогаш мои и дел од мојот живот. Да раскажам приказна, според мене, бара автентичност и знаење за снимање филм и тоа е нешто што би сакала да го проучам на ист начин како што проучував глума“.

На крајот, додаде дека тоа е работа на која треба да ѝ посвети значаен дел од животот, ако не и целиот свој живот, исто како што тоа го прават вистинските уметници.

Можете да прочитате

Автомобилскиот екран на допир може да биде поопасен од телефонот

Австралиски плажи затворени по три напади од ајкули за два дена

Принцот Хари, Елтон Џон и Елизабет Харли го тужат „Дејли мејл“ за незаконско собирање податоци