Станицата за технички преглед во која бил регистриран автобусот на „Беса транс” кој изгоре во Бугарија и за која биле утврдени серија неправилности уште во август, добила решение за забрана на работата дури три дена по несреќата, во ноември, велат од политичката партија Левица.
„Покрај нестручни лица кои ги извршуваат прегледите на возилата, забележано е дека компанијата ‘ВИА КОМЕРЦ Џемаљ’ не водeла регистар на прегледани возила. Сепак, предлогот за забрана за работа на станицата министерот Оливер Спасовски не го потпишал, за на 5. октомври во станицата да пристигне автобусот, кој во ноември беше причина за ужасна трагедија“, се нагласува во партиската реакција во која се додава и дека секојдневните одлуки на владиниот кадар се опасни по животите и здравјето на граѓаните и повикуваат на народна самоодбрана.
„Предвремени избори значат сламка спас од канџите на хибридниот мафијашки режим“, сметаат од Левица.