Последната година на земјоделско, а не на градежно земјиште, во атарот на село Пантелеј, во заштитената Осоговија, како печурка по дожд има изникнато пространа двокатна куќа, сопственост на брачниот пар Шахинови – сопругот началник во полиција именуван од актуелната власт и сопругата пресно вработена во општина Кочани, корисник на секоја можна субвенција што ја доделува општината, обвинуваат од политичката партија Левица.
Од таму јавно прашуваат дали споменатите лица со нивната, како што велат од Левица, дивоградба во заштитено подрачје се дел од педесетте илјади семејства кои наводно ќе останат без покрив над глава, како што наведе премиерот Заев кога даваше образложение за Законот за легализација на дивоизградени објекти.
„По долги години заложби, Осоговијата беше прогласена за заштитено подрачје со петти степен на заштита. Но, само на хартија, на терен е многу поинаку. Се гради каде, од кого и како ќе се стигне! Планините лелекаат под товарот на бесправното градење. Престапниците тријат раце во исчекување на Законот за легализација на дивоградби кој, судејќи по интензитетот на градба, очигледно им е ветен“, велат од Левица.
Според оваа партија зад ситните зафати низ градот Кочани се тркалаат крупни, нелегални профитерски интереси во планината.
„Колкумина вакви ‘бездомници’ се во очекување да биде донесен скандалозниот закон!?“, прашуваат од Левица и нагласуваат дека остро се спротиставуваат на ваквата пракса и на очигледните, непосредни штети кои, уште неизгласан, ги предизвикува, како што велат, криминалниот закон за легализација на дивоградби.
Од Левица потенцираат и дека нивните пратеници ќе побараат целосно повлекување на законот.