Од Левица реагираат дека организацијата на работодавачи на Македонија, застапувана од Ангел Димитров, за која како што велат ги штити интересите на олигарсите и капиталистите, во континуитет ги кочи сите законски измени во полза на работниците, злоупотребувајќи ја позицијата за влијание во Економско социјалниот совет.
„Според инсајдерските информации на Левица, токму Ангел Димитров од ОРМ е причината за одложување на имплементацијата за предлогот „Недела – неработен ден“ (за кој Владата даде рок од две недели за изготвување решение и кој досега требаше да е донесен, а сега наместо да се применува од јули 2021, се пролонгира за 2022 год.). За штитениците на Димитров очигледно проблем е и покачувањето на минималната плата и обезбедување бројни подобри услови за работа на работниците во Македонија. Тој од својата позиција во преговори со синдикатите ја користи функцијата во ЕСС да дејствува спротивно на интересите на половина милион работници од приватниот сектор“, потенцираат од оваа партија.
Oд таму сметаат дека Организацијата на работодавачи, која ги застапува интересите на крупниот капитал, делува спротивно на сите прописи и без легитимитет е ставена во позиција да ги оштетува работниците од цела Македонија.
„ОРМ, спротивно на Законот за работни односи, е основана од физички лица наместо од работодавачи. Ова доведува до заклучок дека нивното учество во Економско социјалниот совет е противправно и од истата причина треба веднаш да им биде поништена репрезентативноста, бидејќи истата им е доделена спротивно на законот“, стои во писмената реакција од партијата Левица.
„Левица најостро го осудува ваквото експлоатациско и газдинско-феудално однесување на Ангел Димитров и на нелегитимната Организација на работодавачи на Македонија и јавно ја повикуваме министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како претседател на Економско – социјалниот совет, да ги преземе сите потребни дејствија за заштита на интересите на работниците кои во моментов се загрозени од страна на организација која е регистрирана како обично „здружение на граѓани“, спротивно на законот“, додаваат од Левица.