Скопје, 21 мај 2020 (МИА) – Во земјава лани биле склучени 13.814 бракови, што е зголемување за 2,4 отсто во споредба со минатата година, додека бројот на разводи е зголемен за 22,8 и изнесува 1.990 во минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Најмногу бракови 1.747 или 12.6 отсто, се склучени во месец август, а најмалку во месец февруари, т.е. 809 или 5,9 отсто.
Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,3 отсо за жените и 92,1 проценти за мажите.
Во втор брак со учество од 7,4 отсто и трет брак со учество 0,6 отсто, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Во 2019 година, најголем број бракови 4.563 или 33 отсто се склучени кај жените на возраст од 25 до 29 години. Според возраста, и кај мажите најголемиот број бракови, односно 5.159 или 37,3 отсто, се склучени во истата старосна група од 25 до 29 години, покажуваат бројките на Заводот за статистика.
Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,9 години за невестата и 29,7 години за младоженецот.
Бројот на разводите во 2019 година бележи зголемување од 22,8 отсто во споредба со 2018 година и изнесува 1.990 разведени бракови.
Во текот на 2019 година, најмалку бракови, односно 43 или 2,2 отсто се разведени во месец август, а најмногу, т.е. 244 или 12,3 отсто во месец ноември.
Според траењето на бракот, најголемиот број разводи, односно 430 или 21,6 отсто се случиле од пет до девет години по склучувањето на бракот. нд/скс/