Утрински Весник
Македонија

Лани се работеше на изведба, годинава ќе се пуштаат нови патишта, роковите остануваат менлива категорија

Реализацијата на капиталните инвестиции нема да запре поради корона кризата

Северна Македонија годинава очекува засилен развој на патната инфраструктура и пуштање во употреба на неколку нови патишта коишто се градеа во изминатите години. И покрај вообичаените доцнења кај изведбата на проектите од цел спектар на вообичаени проблеми што лани беше надополнет со ковид-19 пандемијата, во 2021 година подобрувањето на патната инфраструктура ќе биде особено видливо во источниот дел на земјава.

Експресниот пат Штип-Кочани е новата патна делница долга 28 километри, при што годинава целата траса треба да биде пуштена во сообраќај. Првата фаза од овој експресен пат беше овозможена за користење на возачите во летото 2020 година, додека дополнителните 13,7 километри од селото Крупиште до Кочани треба да бидат завршени во 2021 година.

Експресниот пат Штип-Кочани годинава треба во целост да се заврши; Извор на фотографија: ЈП за државни патишта

Веќе во првите месеци од годинава, треба да се пушти во употреба и првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш долга 23 километри, на потегот меѓу селото Софилари и рудникот „Бучим“. Овој инфраструктурен проект е еден од ретките патишта во земјава којшто ќе биде завршен пред зададениот рок за изведба на градежниците, а со засилено темпо се гради и втората фаза од овој пат долга 16,9 километри. Механизацијата на австриски „Страбаг“ минатата година ги почна градежните активности, при што до крајот на годинава или на почетокот на 2022 година. е планирано да се патува меѓу Штип и Радовиш по новиот пат.

Во однос на источниот дел на земјава, треба да се спомене и изведбата на патниот Коридор 8 кон Бугарија, каде што наредниве месеци од 2021 година треба да продолжи реконструкцијата на постојната и изградбата на новите делници од патот меѓу Куманово и граничниот премин Деве Баир. Државата во моментов инвестира околу 90 милиони евра во побрзо патно поврзување со Бугарија, а сите проекти треба да се завршат до 2022 година.

Меѓу нив, годинава треба да биде завршена реконструкцијата на постојниот пат од Куманово до Ранковце, со должина од 31,8 километри, кој треба да се надоврзе на веќе обновениот коловоз на патот од Ранковце до Крива Паланка. Во 2021 година треба да продолжи реконструкцијата и надградбата на постојниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, кој треба да се заврши со изведба до почетокот на 2022 година. Заедно со него, до овој рок треба да се пушти во употреба и новиот експресен пат Ранковце-Крива Паланка, кој се гради во две фази долги 25 километри и каде околу половина од физичката реализација на терен досега е завршена.

За разлика од навремената реализација на патиштата на исток, развојот на патната инфраструктура во западниот дел на земјава е друга приказна. Автопатот Кичево-Охрид според актуелниот анекс на договорот за негова изградба од кинеската компанија „Синохидро“, требаше да биде завршен до 30 јуни 2021 година. Веќе е извесно дека овој рок нема да биде испочитуван од Кинезите за делницата долга 57 километри, а „Мета.мк“ информираше дека периодов се прават анализи за тоа колкав дополнителен период ќе му треба на изведувачот и подизведувачите за конечно пуштање во употреба на оваа автопатска делница.

Меѓу Кичево и Охрид и во 2021 ќе се вози цик-цак по недовршен автопат; Фото: Бојан Блажевски

 

Автопатот вреден 598 милиони евра е дел од паневропскиот Коридор 8 што минува низ земјава, а чијшто рок на изведба е сигурно дека ќе се продолжи по 30 јуни 2021 година. Досега се реализирани градежни активности на Кичево-Охрид во вредност од околу 350 милиони евра, а министерот Благоја Бочварски при презентирањето на буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година вети дека годинава ќе бидат пуштени во употреба првите 20-тина километри од овој автопат. Станува збор за трасата од Охрид кон селото Врбјани, коишто беа ветувани и лани дека ќе бидат отворени за сообраќај за возачите.

Доцнење на изведбата во западниот дел на земјава има и кај експресниот пат Градско-Прилеп, којшто се гради во три етапи. Веќе во февруари 2021 година, се очекува да биде потпишан договорот за довршување на првата фаза од овој патен правец во делот меѓу Фаришката и Дреновската клисура долг 10 километри, којшто треба да се заврши со градба најдоцна за 2 години. Досега се изградени само 35 отсто од оваа нова делница.

Годинава треба да продолжи довршување на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп; Фото: ЈП за државни патишта

Со речиси идентична изведба на трасата е стигнато и на втората фаза од овој експресен пат, на потегот од Градско до Дреново, каде е завршена изведба на околу третина од вкупните градежни активности. Во 2021 година треба да продолжи изведбата и на оваа делница, но и на третата фаза од месноста Тројанци до влезот во Прилеп во должина од 7,5 километри. Она што е извесно, зададениот рок за завршување на експресниот пат Градско-Прилеп до крајот на годинава сигурно дека нема да се испочитува.

Во делот на значајните проекти од патната инфраструктура, она што се очекува од Јавното претпријатие за државни патишта во 2021 година е да ја забрза изградбата на автопатот Скопје-Блаце и да отпочне со изградба на автопатот Гостивар-Кичево. Во делот на автопатското поврзување со Косово, годинава ќе биде клучна за реализацијата на овој градежен зафат. Основниот проект за втората фаза од автопатот од селото Блаце до скопската обиколница треба да се заврши во третиот квартал од 2021 година, а до крајот на годинава да се распише и тендерот за избор на градежна компанија. Во меѓувреме, скопски „Гранит“ треба да ја забрза изградбата на првите 2 километра од граничниот премин до селото Блаце, чија што изведба беше ветувано дека ќе се финишира во текот на 2021 година.

Годинава првичната фаза од автопатот Гостивар-Кичево, трасата меѓу Кичево и селото Букојчани долга 12,7 километри, треба да почне да се гради. Од ЈП за државни патишта очекуваат дека тендерот за изградба на првата фаза ќе се распише кон средината на годинава, додека до крајот на 2021 да отпочне изведбата на градежните активности на терен.

Покрај во изградбата на нови патишта, наредните 12 месеци ќе се работи на реконструкција и осовременување на автопатот долж Коридорот 10. Во 2021 година се очекува да заврши санацијата и надградбата со трета коловозна лента на автопатот Петровец-Катланово во должина од 10 километри. Наредните месеци треба да почне изведбата и на реконструкцијата на автопатските делници Хиподром-Петровец, Миладиновци-Петровец и Миладиновци-Хиподром во Скопскиот регион.

За Коридорот 10 годинава ќе биде значајна и во поглед на распишувањето на меѓународниот тендер за изградба на комуникациско-информацискиот систем за контрола и управување на сообраќајот (Интелигентен транспортен систем), којшто треба да се објави до декември, а да се реализира следната година.

Тендерот за Интелигентен транспортен систем на Коридор 10 до крајот на 2021; Фото: Бојан Блажевски

2021 година ќе биде многу важна за целосната имплементација на електронската наплата на патарини на сите автопати низ земјава. Јавното претпријатие за државни патишта во декември 2020 година го потпиша договорот со турско-македонскиот конзорциум од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“ од Струмица, кои треба да ја воведат електронската наплата на патарините долж Коридорот 8, но и да изградат две наплатни станици на автопатот Миладиновци-Штип и една патарина на автопатот Кичево-Охрид. Со договорот вреден 12,5 милиони евра треба да се воведе плаќање со електронски уреди на патарина на сите автопати, по примерот на развиените земји.

Севкупно земено, пред државните власти во наредните 12 месеци е исправен амбициозен план за развој на патната инфраструктура, која за волја на вистината, изминативе години доби апсолутен приоритет пред развојот на било кој друг вид инфраструктура. Ковид-19 пандемијата се очекува во 2021 да биде проблем кој сè помалку ќе се потенцира како оправдување за непредвидени доцнења на проектите, додека во поголема мерка ќе доаѓа до израз на подготвеноста и капацитетот на властите да ги спроведат крупните проекти. Овде ќе имал сè помал простор за нови оправдување за пробивање на роковите за изведба кои властите сами си ги задале.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор