Утрински Весник
Свет

Лавров: Црна Гора да се изјасни за одговорот на НАТО кон Русија

Лавров: Црна Гора да се изјасни за одговорот на НАТО кон Русија

Црногорското министерство за надворешни работи добило писмо од шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во кое тој бара Црна Гора да се изјасни во однос на одговорот на НАТО на барањата на Русија, а во врска со кризата во Украина, пишува подгорички „Вијести“.

Според весникот, Лавров истото писмо го испратил и до своите колеги од САД, Канада и неколку европски земји, а во него потсетил на договорот за неделивост на безбедноста, чие значење е дека или постои една безбедност за сите, или не постои за никого.

Се додава дека писмото било испратено дури и до Република Ирска и Швајцарија, кои се неутрални во овој спор.

Извор на „Вијести“ од дипломатските кругови смета дека писмото на Лавров било испратено поединечно до земјите во обид да се предизвика несогласување по ова прашање во државите од ЕУ и НАТО, односно да се предизвика „лизгав терен“ преку билатерални притисоци.

Во писмото објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија, Лавров наведува дека неговите колеги „се свесни дека Русија е сериозно загрижена поради зголемувањето на воено-политичките тензии во непосредна близина на нејзините западни граници“.

„Со цел да се избегне каква било понатамошна ескалација, на 15 декември 2021 година, руската страна презентираше нацрти на два меѓусебно поврзани меѓународни правни документи – Договорот меѓу Руската Федерација и САД за безбедносни гаранции и Договорот за безбедносни мерки меѓу Руската Федерација и државите членки на НАТО.

Одговорите на САД и НАТО на нашите предлози добиени на 26 јануари 2022 година покажуваат сериозни разлики во разбирањето на принципот на еднаква и неразделна безбедност, кој е фундаментален за целата европска безбедносна архитектура“, пишува Лавров, додавајќи дека Русија смета оти е неопходно веднаш да се разреши ова прашање, бидејќи тоа ќе ги одреди изгледите за понатамошниот дијалог.

Од Министерството за одбрана на Црна Гора неодамна за „Вијести“ изјавија дека ги следат актуелните настани на украинската граница, а можната одлука дали црногорските војници ќе бидат дел од силите на НАТО, во случај на потенцијален конфликт, ќе ја донесат во Собранието.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година