Луѓето може да кажат што сакаат за Зак Снајдер, но тој го разбира нагонот на неговите ликови и му треба време да ги изгради, пишуваат медиумите пред премиерата на новиот филм на култниот режисер.
Од „300“ до „Сакер Панч“ и „Чувари“ до „Човек од челик“, Снајдер поминува неизмерно многу време градејќи ги своите ликови, давајќи им цел, насока и основа за да го објасни нивното дејствување.
Тоа е она што ѝ помага на публиката да разбере што го покрена Леонидас во „300“, но на некој начин тоа може и да засмета бидејќи неговата карактеризација не е секогаш на место, особено кога на никој не му треба еден час плус за да се поврзе со Супермен во „Човекот од челик“.
Но, никој не може да негира дека неговото градење на светот недостасуваше во „Лига на правдата“ од 2017 година, кога Снајдер, оригиналниот режисер на филмот го напушти проектот откако го сними поголемиот дел од филмот, првиот од трилогијата, откако неговата ќерка си го одзеде животот.
Џош Ведон, свежо критикуван за неговата работа на Марвеловиот Avangers: Age of Ultron, беше назначен да ja преземе режисерската палка. Филмот доби поделени критики и не помина многу време за фановите подоцна да го повикаат Зак Снајдер да објави своја верзија на филмот на Твитер преку хаштагот „Објавете го Снајдер кат“ (ReleaseTheSnyderCut).
Она што се сметаше за изгубена верзија на оригиналниот замислен филм, завиткан во сопствената митологија, конечно ќе ја има својата премиера на „Ејч-би-о макс“во САД и „Ејч-би-о гоу“ низ Југоисточна Азија, а светот, кој е моментално опседнат со суперхерои лансирани лево, десно и во центарот секоја втора недела, конечно ќе може да го види новиот четиричасовен филм „Лигата на правдата на Зак Снајдер“ или таканаречената Снајдер-кат верзија на „Лига на правдата“.
Она што ќе добиете е повеќе нијансиран пристап кон раскажувањето што се граничи со самозадоволство, бидејќи Снајдер го ослободува секој аспект од она што го сакаше пред четири години.