Куманово, 2 јуни 2020 (МИА) – Кумановскиот кризен штаб ќе му помогне на кризниот штаб од Липково во справувањето со епидемијата со Ковид-19, а здравствените институции да ги разграничат бројките за заболени од двете општини, Комисија за заразни болести да разгледа дали се почитува протоколот за утврдување и лекување на пациенти суспектни и потврдени од Ковид-19, бара Општинскиот кризен штаб на денешната 44-та седница.
-Сметаме дека непридржување на Протоколот може да доведе до епидемиолошко загрозување на Општина Куманово и вработените во ЈЗУ Општа болница Куманово и бараме да се упати апел до матичните лекари од Општина Липково да се придржуваат до протоколите заради поуспешно лекување на заболените и спречување на ширење на епидемијата од соседната општина во Општина Куманово, се наведува во соопштението од штабот.
Кризниот штаб на Куманово ќе ги стави расположливите капацитети на кризниот штаб во соседната општина Липково за помош во справувањето со епидемијата и се поголемиот број заразени во соседната општина. Кризниот штаб бара директорите на Општата Болница и Здравствениот Дом да го информираат штабот за бројот на хоспитализирани, третирани и излечени лица од мај, а Брза помош да достави податоци колку заболени и сомнителни лица од Ковид 19 превезле и од која релација.
-Се задолжува Центарот за Јавно Здравје Куманово да даде информација на ОШЗС Куманово со анализа за месец мај за број на позитивни случаи на територија на Општина Куманово и број на позитивни случаи на територија на Општина Липково, одделно, бидејќи бројката што се објавува во јавност е бројка што се води за Општина Куманово, а всушност истата ги претставува бројките за позитивни случаи и за Општина Липково, како и број на извршени тестирања, се наведува во соопштението на штабот.
Од штабот најавија дека „Чистота и Зеленило“ ќе продолжи со дезинфекција на болницата. ам/ев/