Утрински Весник
Свет

Куба се надева дека ќе произведе 100 милиони дози од вакцината против Ковид-19

Куба се надева дека ќе произведе 100 милиони дози од вакцината против Ковид-19

Куба се надева дека годинава ќе произведе 100 милиони дози од својата вакцина против коронавирус и ќе ја вакцинира целата популација, најави директорот на институтот „Финлеј“, кој управува со два од четирите проекти за вакцина кои се во фаза на клинички студии.

„Имаме капацитет да произведеме 100 милиони дози од ‘Соберане 2’, која е најнапредниот кандидат за кубанска вакцина“, изјави Висенте Верес пред новинарите, додавајќи дека фазата на производство е веќе започната.

Според него, ако сè оди како што треба, целото население на Куба ќе биде вакцинирано оваа година.

„Во февруари ќе почнеме клиничко испитување на педијатриската популација, така што вакцината може да се примени и на деца“, рече тој.

Целта е да се започне општа вакцинација на Кубанците во првата половина на годината. Вакцината ќе биде бесплатна, но не и задолжителна. Верес рече дека ќе им биде понудена и на туристите.

Куба има четири кандидати за вакцини: „Соберана 1 и 2“, „Абдала“ и „Мамбиса“, сите во фаза на клинички испитувања. Првите три се даваат со инјекција, четвртата е спреј за нос.

Доколку некоја од нив добие конечно одобрување, тоа ќе биде првата вакцина против Ковид-19 направена и произведена во Латинска Америка.

Иако неодамна се зголеми бројот на случаи, Куба останува една од најмалку погодените земји од пандемијата во нејзиниот регион, со вкупно 19.122 заболени и 180 смртни случаи. Во Куба живеат 11,2 милиони жители.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Мексиканците ќе бидат првите кои сами ќе избираат судии – повеќе од 34.000 кандидати за 881 судија

Пекинг со тврдење дека ниту САД ниту Кина нема да имаат корист од трговска војна

Русија ги брише талибанците од листата на терористи