Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Вработените во Стопанската комора на Македонија и Кризниот штаб при Комората одговорија на околу 2.500 прашања од компаниите во периодот од 25 март наваму од кои најголем дел се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа, информираат од Комората.
-Од досегашната комуникација со компаниите, општ е заклучокот дека тие сакаат стриктно да ги применуваат прописите што се во важност. Во услови кога заради околностите многу често се случуваат промени во условите за работа, се носат уредби, економски мерки, одредби во однос на периодот на забрана за движење итн., компаниите имаат потреба да се консултираат за да можат да го приспособат своето работење согласно важечките прописи и измени, велат од Комората.
За голем дел од прашањата, посочуваат, Комората оствари интензивна комуникација и доби појаснувања од Владата и надлежните државни институции.
-По започнувањето со работа на контакт-центарот на Владата интензитетот на јавувања на компаниите во Комората малку се намали, но тие и натаму продолжуваат. Искуството од досегашната комуникација на Комората во услови на вонредна состојба покажа дека секоја промена што се прави од страна на надлежните институции треба да биде проследена со истовремено носење на соодветните документи што детално ја објаснуваат промената. На тој начин, се намалува потребата од дополнително разјаснување и се олеснува комуникацијата со компаниите, порачуваат од Комората.
Доколку продолжи вонредната состојба во земјава, нагласуваат, продолжува со работа и Кризниот штаб при Стопанската комора на Македонија, како и останатите активности на Комората што се одвиваа во постојните околности.
Стопанската комора на Македонија по воведувањето на вонредната состојба во земјава го приспособи своето работење за да им помогне на компаниите колку што може повеќе. Покрај останатите активности, од 25 март започна да работи и Кризен штаб при Комората. вј/скс/